Турција го повика на разговор шведскиот амбасадор поради најавите за протести во близина на турската амбасада во Стокхолм

 

Турското Министерство за надворешни работи денеска на разговор го повика шведскиот амбасадор во таа земја, Стефан Херстром, пренесуваат медиумите.

Амбасадорот бил повикан затоа што Шведска дозволила да се одржи протест следната сабота во близина на турската амбасада во Стокхолм.

Министерството за надворешни работи на Турција остро ја осуди најавата за протест на кој, како што велат, ќе бидат палени муслимански свети книги, пренесува Ројтерс повикувајќи се на неименуван извор.

Министерството му кажало на шведскиот амбасадор дека дозволата за посебен протест што ќе биде организиран во сабота од група поврзана со Курдистанската работничка партија, која е забранета во Турција, е кршење на договорот меѓу Турција и Шведска, го цитира Ројтерс истиот извор.

Британската агенција потсетува дека билатералните односи меѓу Шведска и Турција се многу чувствителни, особено во моментот кога Шведска и Финска бараат од Турција да ја одобри нивната кандидатура за влез во НАТО алијансата. Пристапот до членство во Алијансата треба да го ратификуваат сите членки, а освен Турција, тоа се уште го нема направено ниту Унгарија.

Ројтерс потсетува дека минатата недела Стефан Херстром беше повикан во Министерството за одбрана поради инцидент во Стокхолм при кој беше обесена кукла со ликот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган наопаку, што Шведска го осуди, а Турција изјави дека Шведска мора да преземе јасен став против тероризмот.

20.01.2023 - 21:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега