Еврото падна под еден долар
Еврото денеска падна под еден долар, се тргува на ниво од 0,9952 долари за евро.
Еврото денеска падна на 20-годишен минумум на ниво под еден долар, затоа што загриженоста поради енергетската криза и политичките превирања во Италија ја намали побарувачката за единствената валута, додека американската валута зајакна поради очекувањата за агресивно зголемување на каматните стапки од страна на Федералните резерви (ФЕД).
Еврото потона на 0,99520 долари, што е најниско ниво од декември 2002 година. Во меѓувреме, индексот на доларот, кој ја мери вредноста на зелената банкнота во однос на кошницата од шест главни валути, скокна на 109,29 поени, највисоко ниво од септември 2002 година, пренесува „Ројтерс“.
На расположението на берзите влијаеја и новите прогнози на Европската комисија, кои ја намалија проценката за економскиот раст во еврозоната за оваа и следната година и го ревидираа нагоре очекуваниот раст на инфлацијата, главно поради влијанието на војната во Украина.
Трговците ги зголемија облозите дека ФЕД ќе биде поагресивен со зголемувањето на каматните стапки, откако вчерашните податоци покажаа дека потрошувачките цени во САД скокнале за 9,1 отсто на годишно ниво во јуни, што е највисоко ниво во повеќе од четири децении.
Пазарите сега даваат 71 отсто шанса стапката на задолжување на ФЕД да се зголеми за 100 базични поени на состанокот од 26 до 27 јули и 29 отсто шанса за зголемување од 75 базични поени.
Доларот, исто така, се искачи на највисоко ниво во последните 24 години во однос на јапонскиот јен за 1,22 отсто на 139,23 јени за долар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа