Бесими: Не сум лажен оптимист но поблиску сме до решение за името
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Бесими, во интервју за Нова Македонија, изјавува дека Македонија е се поблиску до решавање на спорот со името.
- „Јас пред сѐ сум граѓанин на Македонија. Но јас би рекол дека изјавата дека сме поблиску до решение сепак кореспондира и со изјавите на посредникот Метју Нимиц што ги даде во Скопје и во Атина при своите последни посети. Во тие изјави, за разлика од претходно, кога само знаевме дека има процес и дека се разговара, се гледа дека сега темата е фокусирана на две конкретни работи, каде ќе биде ставен зборот „горна“ или „северна“ во името на државата и, второ, опсегот на употреба. Тие ги имаат нивните позиции, ние нашите. Порано се зборуваше општо, сега е многу конкретизирано, што е голем чекор напред и ваква јасна слика порано немало ниту во јавноста. Секако, не е едноставна работа да се реши проблемот, а тоа го покажува фактот дека процесот трае повеќе од две децении. Меѓутоа, не е нерешлив. Мислам дека со капацитетите што ги имаме ние како соседни земји во овој момент на процесот може да му помогне меѓународно посредништво или олеснување. Посредникот Нимиц ја има таа улога, но рамката на Обединетите нации не е временски дефинирана и процесот трае веќе две децении. Нам ни треба таа рамка да добие одредена динамика, што би требало да се усогласи со европската агенда, на која двапати годишно се одржуваат совети на ЕУ. Во таа рамка треба да има и содржина, односно што се разговара. Примерот на Косово и Србија треба да го гледаме како успешна мисија“, вели вицепремиерот Бесими за Нова Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа