Фон дер Лајен: Време е Европа да се крене
Наградата Карло Велики за заслуги во промовирањето на европското единство денес ѝ беше доделена на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја нагласи потребата Европа да биде што е можно понезависна.
„Време е Европа да се крене и да го започне следниот голем европски проект. Следната ера, нашиот следен голем проект мора да оди во насока на независна Европа“, рече претседателката на извршното тело на ЕУ додека ја примаше наградата во градското собрание во Ахен.
Таа додаде дека светот повторно е проткаен со „империјални војни“ и дека затоа Европа мора да дејствува.
„Европа се соочува со фундаментална одлука: да почека, а потоа да реагира на акутни кризи или да ги земе работите во свои раце и да одлучи за иднината“, нагласи Фон дер Лајен.
Таа го наведе „следното историско обединување“ како друга голема задача, осврнувајќи се на проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, но и Молдавија и Украина.
Наградата Карло Велики се доделува од 1950 година на поединци кои придонеле за европското единство. Таа доаѓа со сума од еден милион евра, кои победниците обично ги донираат во добротворни цели, оваа година за проект за грижа за украинските деца.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа