Затвор од една до 10 години за родителите кои си ги малтретираат децата

 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ги презентираше измените на Законот за семејство, кои Владата ги усвои на последната седница.

-Доколку првпат се случи злоупотреба и занемарувањето на родителското право, односно родителот го наведува и користи детето на питачење, Центарот за социјална работа првично ќе го предупреди родителот за пропустите и ќе мора да донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право, а ќе спроведе стручно советодавна работа со родителите и детето. Но, ако родителот и покрај укажувањата повторно го наведува детето на питачење или врши насилство врз него, Центарот е должен времено да му го одземе детето, задолжително да покрене постапка пред надлежниот суд и да поднесе кривична пријава против родителот, предвидуваат измените на Законот.

 

Спасов истакна дека Центарот за социјална работа е должен да му обезбеди соодветно згрижување на детето и да преземе мерки за заштита на правата и интересите на малолетното дете.

- Во случаите кога Центарот за социјална работа ќе утврди дека родителот со своите постапки го довел во опасност животот на детето, должен е веднаш да го одземе детето од родителот и да му обезбеди соодветно згрижување како и да преземе мерки за заштита на правата и интересите на детето до донесување на конечната одлука на судот за одземање на родителското право, без претходно да го предупреди родителот на недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право како и задолжително да поднесе кривична пријава, рече Спасов.

Тој потенцираше дека доколку Центарот не постапи на овој начин се предвидени глоби во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност за прекршок на овластеното служено лице, 3.000 до 5.000 евра на правното лице за прекршок и 1.500 до 2.000 евра на одговорното лице за прекршок.

Како злоупотреба или грубо занемарување на родителските должности се смета и наведувањето на детето на питачење или користење на дете за питачење, ако родителот врши физичко или емоционално насилство врз него, полово го искористува, му дозволува употреба на алкохол, дрога или други психотропни супстанции,г о наведува на општествено неприфатливи поведенија, го напуштил детето и подолго од три месеци не се грижи за него и на кој било начин грубо ги крши неговите права.

- Согласно измените на Кривичниот законик кои се во собраниска процедура за кривичното дело Запуштање и малтретирање на дете - Родител кој со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ќе го запушти малолетното лице, ќе го малтретира или ќе го принудува на работа што не одговара на неговата возраст или поради корист го наведува на питачење превидени се казни со затвор од една до десет години. А доколку делото е сторено спрема дете до давање наркотични дроги или психотропни супстанции, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години, истакна Спасов.

Министерот најави дека постојано ќе преземаат мерки со кои строго и недвосмислено ќе се санкционираат обидите за злоупотреба врз децата, бидејќи државата ја има должноста да ја осигура нивната иднина.

- Улогата на родителите е бесценета и таа мора да се извршува согласно законот и моралот, додаде министерот Спасов. 

24.11.2013 - 13:52
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега