Трета светска конференција за меѓурелигиски дијалог
Околу 110 странски и 150 домашни гости денеска и утре во Скопје ќе учествуваат на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Попладне неа ќе ја отворат премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска.
Тема на конференцијата е „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“, а со неа ќе бидат одбележани три јубилеи: 1700 години од Миланскиот едикт - добивање слобода на христијанството; 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир, инициран од покојниот претседател Борис Трајковски во 2003 година.
По официјалното отворање ќе се обратат претставници од странските партнери во организацијата на настанот - од УНЕСКО, Генералниот секретаријат на НАТО за жени, мир и безбедност и од Комитетот за религии и интеркултурно образование при Советот на Европа, а потоа обраќања ќе имаат претставници на верските заедници во Македонија - Македонска православна црква, Католичка црква, Евангелско-методистичка црква и Еврејската заедница во РМ. Во оваа пригода ќе има и меѓународна промоција на „Собрани дела на св. Климент Охридски“, на која ќе говори архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Првиот ден од конференцијата ќе заврши со прием за учесниците што ќе го приреди претседателот на Владата Груевски.
Во агендата утре се панел-сесии, на кои ќе бидат отворени темите: „Плуралистичките општества и религиската толеранција“, „Да се живее заедно со почит кон различностите“ и „Придонесот на медиумите за меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог“.
Во рамки на конференцијата утре ќе се одржи и Форум за млади, на тема „Улогата на религиите во градењето толерантна младина“ (со поттеми: Социјалните мрежи, младите и духовноста; Улогата на младинските невладини организации во создавањето вредносни системи кај младите; Практики и искуства за работа со млади во мултирелигиозни, мултиетнички и мултикултурни средини).
Ќе учествуваат претставници од трите генерации на Школата за млади лидери која се организира под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов. Шефот на државата утре ќе има обраќање на верската конференција, која треба да заврши со усвојување декларација што ја подготвија Меѓународниот комитет и Националното координативно тело за организирање на настанот.
Лидија Топузовска од Националната канцеларија на УНЕСКО информираше дека имало голем одѕив за конференцијата и дека бројот на странски учесници би бил и 200, зашто некои самостојно аплицирале на веб-страницата. Рече дека се водело сметка за географската застапеност и оти ќе има претставници од сите континенти.
Митрополитот хераклејски Климент информираше дека за настанот биле поканети сите помесни православни цркви. Од руската ќе присуствува делегација испратена со благослов на патријархот Кирил, предводена од митрополитот Теодосиј, заедно со двајца претставници за надворешни работи на Московската патријаршија. Покана била испратена до патријархот на Српската православна црква, но оттаму, како ни од грчката црква, нема одѕив.
- МПЦ тоа го коментира според евангелската парабола: „Гостите се поканети, а кој милува и сака, се отповикува“, рече г. Климент. Од православниот свет е најавено учество на професори од богословски факултети од Сибиу и Букурешт, како и од Софија и од Косовска Митровица.
Од исламската религија ќе има 14 претставници - верски претставници ќе има од Исламската верска заедница од Белград и имами од Америка, како и теолози и професори за религија од повеќе земји - Египет, Иран, Турција, Косово.
Исламската верска заедница од Македонија ќе ја бојкотира конференцијата зашто не биле исполнети некои нејзини барања. Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи го добила известувањето завчера, а претставници на ИВЗ една и пол година не учествувале на состаноците на координативното тело.
- Жалиме што ИВЗ нема да учествува на конференцијата и сметаме дека со интернационализирање на локален проблем го нарушува угледот на државата и на самата Исламска верска заедница, рече претседателката на Комисијата Валентина Божиновска на средба со новинарите, додавајќи дека токму верска конференција е матично место каде што низ дијалог и со љубов, како што проповедаат верите, треба да се наоѓаат решенија.
За годинашната конференција, посочи таа, било предвидено гостите да не бидат само верски претставници и духовни лица, туку повеќе да се вклучат претставници од универзитети низ светот, од катедри кои го проучуваат практицирањето на религијата во општеството, нејзиниот културолошки и социолошки аспект.
Владата на Република Македонија го поддржа организирањето на Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите која, почнувајќи од 2007 година, се одржува на секои три години. Првата на тема „Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот“ се одржа од 26-ти до 28 октомври 2007 година во Охрид, каде беше одржана и Втората, на тема „Религијата и културата - нераскинлива врска меѓу народите“, од 6-ти до 9 мај 2010 година. На двете конференции имало 200 странски учесници од 50-ина земји во светот, и стотина домашни претставници.
Како и претходните две, Третата светска конференција се реализира во рамки на Глобалната агенда на Обединетите нации и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и финансиски ќе биде поддржана од Владата на Република Македонија и од УНЕСКО.
MIA