Истражители на ОЈО ГОКК во АНБ, го проверуваат незаконското прислушување
Заради зголемениот интерес на јавноста во врска со можните злоупотреби на овластувањата на припадници на безбедносните служби и незаконско следење на комуникациите, ОЈО ГОКК ја известува јавноста дека постапува согласно своите законски надлежности и уставно загарантираниот принцип на законитост и еднаквост пред законот.
„Во рамките на предистражната постапка денеска тим од истражители од ОЈО ГОКК беа примени во АНБ каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК. Во рамките на денешниот работен ден двете институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија. ОЈО ГОКК постапува исклучиво врз основа на докази, во рамките на законските процедури и со целосно почитување на правата на сите засегнати страни. Притоа, во интерес на постапката, а имајќи ја предвид тајноста на предистражната постапка, апелираме до медиумите и до јавноста да се воздржат од прерано изнесување на заклучоци додека трае постапката и не се утврдат фактите. ОЈО ГОКК навремено ќе ја информира јавноста за текот на постапката тогаш кога споделените информации нема да ја загрозат тајноста на предистражните дејствија“, соопшти ОЈО ГОКК.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа