Запленети 9,3 тони кокаин: Нарко-банда разбиена во голема меѓународна операција на Европол

 


Во голема меѓународна операција во Еквадор, предводена од Европол, запленети се повеќе од 9,3 тони кокаин, а уапсени се 12 лица – 11 Еквадорци и еден српски државјанин. Како што соопшти Европол, загубите за криминалната мрежа од оваа операција изнесуваат околу 200 милиони долари.

 

Криминалната мрежа користела приватни безбедносни компании како параван за да се инфилтрира во клучните пристаништа и да регрутира соработници. Ова им овозможило да го шверцуваат кокаинот преку легални извозни компании во контејнери.

Според министерот за внатрешни работи на Еквадор, Џон Рајмберг, групата контролирала сè, од производството и транспортот, до извозот на дрогата кон европските земји како Белгија, Холандија, Грција и Италија.

Мрежата користела приватни безбедносни фирми и за набавка на оклопни возила и огнено оружје, кои ги пренасочувале кон локални криминални групи, што предизвикувало насилство.

 

Оваа повеќегодишна истрага започнала во 2020 година, поддржана од белгиските власти. Податоците се добиени од платформата за шифрирана комуникација Sky ECC.

Европол обезбедил аналитичка поддршка и овозможил размена на информации меѓу белгиските и еквадорските власти. Во операцијата учествувале 200 полицајци, 16 обвинители и агенти на Европол.

04.09.2025 - 23:46

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега