За ВМРО-ДПМНЕ извештајот е тоалет хартија - за СДСМ победа
По потпишувањето на извештајот за настаните од 24. декември, претседателот на Комисијата Борче Давитковски им честиташе на сите за учеството и ја поздрави одлуката на политичките лидери кои,, како што рече, најдоа доблест да ги надминат партиските интереси и во интерес на државата направија нужни компромиси.
„Со имплементацијата на препораките од извештајот, Македонија ќе тргне во друг правец, ќе добиеме позитивен извештај од Европската Комисија, а асо измената на деловникот ќе ја развиеме и демократијата“, изјави Давитковски по потпишувањето.
Еден од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, изјави дека за нив, договорот нема никакво значење и дека целосно ги отфрлаат правните квалификации кои стојат во него.
„Извештајот го потишавме заради неговата форма и значењето за интеграциите, а не заради согласноста со квалификациите. За нас овој извештај е хартија - палома со која СДСМ може да продолжи со орото пред нивниот штаб. Да се работи со СДСМ е како да се работи со мало дете во продавница за играчки кое не знае што сака. Очигледно беше и влијанието на старото раководство“, рече Илија Димовски, потенцирајќи дека СДСМ очигледно се исплаши од предвреммени избори, што не е својствено за ниту една партија во опозиција, особено ваква како СДСМ која се однесува неконструктивно.
Рената Десковска, пак, која заедно со Фрчковски ги застапуваше ставовите на СДСМ во Комисијата, изјави дека е задоволна од усвоениот извештај кој реално отсликува како пратениците и новинарите на 24. декември спротивно на Уставот и законите, биле брутално избркани од Собранието.
„Се надеваме дека со усвојувањето на овој извештај, во Македонија ќе се вратат демократските вредности“, изјави Десковска.
Содржината на договорот се очекува да стане јавна во текот на денот. Двете партии изразија подготвеност веднаш да започнат со имплементација на препораките кои се однесуваат на работата на Собранието, собраниското обезбедување и процедурите за усвојување на буџет. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека во договорот не се споменува никакво уставно прекршување ниту политичка одговорност.