За 2025 година Владата утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци, изјави Дурмиши

 


За 2025 година, Владата на Република Северна Македонија утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци. Оваа бројка е резултат на внимателна анализа на состојбата на пазарот на труд и изразените потреби од работна сила во различни сектори, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на регионалната конференција за трудова миграција што се одржува во Будва, во организација на Меѓународната организација за миграции (IOM) и партнерските институции од регионот.

Тој додаде дека системот е прецизен, транспарентен и ја почитува домашната работна сила, истовремено отстапувајќи простор за пополнување на дефицитарните профили со квалификувани странски работници.

Според министерот, заложбата на Владата е да се создаде амбиент каде што секој што легално живее и работи во нашата земја ќе се чувствува безбедно, почитувано и поддржано.

„Трудовата миграција претставува можност за економски раст на секоја земја – но само доколку е управувана мудро, со почитување на човековите права, со визија за иднината и со подготвеност за соработка. Нашата цел е јасна – да изградиме општество во кое трудовата миграција ќе го поттикнува растот, ќе ги поврзува луѓето и ќе создава заедничка иднина на стабилност, развој и достоинство. Нашата земја останува отворена за соработка со земјите од Западен Балкан и пошироко. Веруваме дека преку заедничко планирање и усогласување на регулативите, можеме да овозможиме циркулација на вештини, поддршка на иновациите и намалување на сивата економија“, заклучи министерот Дурмиши.

Тој рече дека нашата земја ги гледа мигрантите не само како работна сила, туку како носители на знаење, искуство, културна размена и економски потенцијал.

„Регулираното вклучување на странски работници придонесува кон подигнување на продуктивноста, развојот на трудоинтензивни индустрии и стабилизирање на вработеноста“, рече министерот.

„За трудовата миграција да биде успешна, таа мора да биде придружена со социјални и интеграциски политики. Тоа значи заштита на работничките права, борба против дискриминација, почитување на културните разлики и обезбедување еднаков пристап до информации и институции“, кажа министерот и додаде дека во Северна Македонија согласно Законот за вработување и работа на странци, се обезбедува стабилен и јасен правен механизам, преку кој странските работници можат да се вклучат во економијата на нашата држава, секогаш во согласност со домашните потреби и стандарди.

Законот предвидува утврдување на годишна квота за работни дозволи, која не смее да надминува 5% од вкупно вработеното население во земјата.

15.05.2025 - 13:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега