ЕВН во лов на крадците и неплаќачите на струја
ЕВН Македонија ги засилува контролите на мерните места и во втората половина од месецов откри 22 корисници директно приклучени во мрежата. Тројца од фатените го манипулирале броилото, а тринаесет имале непријавено броило во системот, што исто така е кривично дело казниво според законските прописи во земјава.
Од компанијата информираат дека во овој период испорачани се педесетина пресметки за неовластено користење на електричната енергија, а корисниците заработиле и кривични пријави.
- Засилените контроли и присуството на полицијата и судските вешти лица придонесоа да се откријат двојно поголем број на кражби на електрична енергија споредено со првите недели од јули. Штетата која ја направиле во системот изнесува седум милиони денари, односно крадците нелегално потрошиле 894.000 киловат часови електрична енергија, велат од ЕВН.
Оттаму најавуваат дека заедно со полицијата нивните стручни лица ќе ги продолжат засилените контроли и во наредниот период.
- Покрај крадците на електричната енергија, ќе се санкционираат и нередовните плаќачи. Непопуларната мерка исклучување од дистрибутивниот систем следува за оние корисници кои имаат неподмирен долг кон ЕВН Македонија, а тужените долгови се предаваат на постапување кај извршителите, велат од компанијата.
Препорачуваат корисниците да не извршуваат никакви неовластени дејствија околу броилата, бидејќи софистицираната опрема за откривање на кражбите, асистенцијата на полицијата и судските вешти лица го комплетираат процесот за лесно откривање и санкционирање на кражбите на електрична енергија.