Иванова: Потребен е партнерски однос за успешно менаџирање на борбата против ракот

Преку постигнување принцип на еднакво партнерство меѓу државните органи, здравствените институции и здруженијата на пациенти неизбежни се позитивните промени и позитивни резултати во борбата против ракот, порача сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова, на одбележувањето на Светскиот ден на борба против ракот, што под нејзино покровителство, а во организација на македонското здружение за борба против ракот „Борка“ се одржа во Скопје.

Според Иванова, потребно е сите страни рамноправно да учествуваат во донесувањето заеднички одлуки за подобар здравствен систем во земјата.

- Мораме да бидеме проактивни, мораме да преземеме конкретни мерки и акции. Голем исчекор во таа насока е поставување на малигните болести на ниво на приоритет во здравствениот систем на Република Македонија, а уште повеќе прогласувањето на 2016 година за година на борба против ракот во Република Македонија. Да имаме исполнета агенда и да водиме бројни активности за заедничка борба против ова заболување, рече Иванова.

Во своето обраќање, таа го поздрави и промовирањето на Aлијансата на пациентски организации, која ги обединува здруженијата „Борка“, „Животна искра“, „Живот со предизвици“, „Пеперутка“ и „Хепар центар“.

- Ја искажувам мојата поддршка и ги повикувам сите други организации кои работат во истата област да се приклучат кон оваа иницијатива и да го зајакнат уште повеќе заедничкиот глас на пациентите со малигни заболувања во нашата држава, рече Иванова.

На настанот, покрај претставници на здруженијата и здравствени работници, присуствуваа и сопруги на повеќе амбасадори, акредитирани во Република Македонија. 

 
 
04.02.2016 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега