Скандалозна седница на ЦО на СДСМ - Макрадули побарал оставка од Спасовски

Вчерашната седница на централниот одбор на опозициската СДСМ излегла надвор од планираниот тек. Освен тоа што постојат сомневања дека наводно недостасувал потребниот кворум, седницата била скандалозна и заради други причини. Наместо чиста формалност за свикување вонреден конгрес во декември, состанокот се претворил во жолчна расправија. Уште вчера по завршување на седницата, на социјалните мрежи, токму од Facebook профилот на поранешен претседател на градската организација на ова партија во Скопје, се прошири информацијата дека Макрадули побарал од техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да поднесе оставка од партиската функција, генерален секретар на СДСМ.

„Не Заев, туку Рада требала да објасни околу статутарното прашање на Макрадули. Дали и кога Оливер ќе си даде оставка на партиската функција. Не знам Рада за цвеќиња ли е заменик, трајна ладна политика предолго трае. Нека се фати во одбрана на Заев од незадоволни членови, нели е жирант за многу работи? Месец дена ја нема никаде, даде интервју кај бившата снаа нејзина Трајковска на 24 и толку“, напиша на Facebook поранешниот шеф на градската организација на СДСМ во Скопје, Љупчо Палевски.

Според нашите сознанија, Макрадули барањето за оставка на Спасовски го аргументирал со континуираните барања на партиското раководство за таканареченото одвојување на партијата од државата, посочувајќи ги претходните јавни забелешки на СДСМ, дека според нив високи партиски функционери на ВМРО ДПМНЕ, не можат да бидат истовремено и министри за внатрешни работи. Барањето одело во насока на принципите за кои наводно СДСМ се залагал јавно, да бидат спроведени и на дело. Дополнително, било посочено дека членот 36 од Статутот на СДСМ јасно предвидува дека „функцијата генерален секретар на СДСМ е неспоива со функции во извршната власт“, и затоа, за да може да се бара доследно почитување на принципот на владеење на правото, треба да се почитуваат сопствените партиски акти и правила.

Според висок партиски извор, во својата дискусија Макрадули побарал од раководството на СДСМ да се огради и од манипулациите кои ги прават некои од опозициските медиуми, а кои се насочени директно кон видни членови на партијата, па дури и кон членови на нивните семејства, алудирајќи на Шекеринска, чиј што сопруг, пред некое време беше мета на еден од интернет порталите, кој важи за близок до СДСМ. На ваквите забелешки морал да одговара лично Зоран Заев, кој според многумина од присутните, манифестирал досега невидена дрскост. Според нашиот извор, тој со многу висок тон, потенцирал дека воопшто нема да побара од Спасовски да го почитува партискиот Статут и да ја напушти функцијата генерален секретар, бидејќи тој бил само технички назначен за министер за внатрешни работи. Според нашите сознанија Заев во својата дискусија не покажал никаква подготвеност за демократска дебата и почнал да се расфрла со обвинувања за некакви сценарија, дури и почнал да бара внатрешни непријатели за кои наводно упатил и закани. Повеќето сведоци на ваквиот излив на нервоза со тон, кој никогаш порано не бил слушнат во партијата, сметаат дека Заев очигледно го губи компасот во своето делување и во очај се обидува да создава слика дека сите други се криви, освен тој самиот. Едноставно, тој повеќе не може да истрпи демократска дебата, ниту пак да препознае конструктивни критики кои се насочени кон подобрување на состојбите во опозицијата.

Инаку, после вчерашната седница, порталите блиски до СДСМ, повторно, обидувајќи се да ја сокријат вистинската атмосфера во партијата, објавија само дека едногласно е донесена одлука да се одржи конгрес на 13 декември. Симптоматично, и вчера СДСМ избегна со изјава да ги извести медиумите за седницата на централниот одбор.

 
 
28.11.2015 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега