Гаши: Да се унапреди економската соработка меѓу Северна Македонија и Турција
Претседателот на Собранието Африм Гаши, придружуван од пратениците Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали, ја продолжува официјална посета на Турција со средби во Истанбул.
Како што соопшти собраниската прес-служба, делегацијата присуствувалка на Конференцијата за отворање на академската година 2024-2025 на Универзитетот Мармара, кој е еден од најстарите и најпрестижните универзитети во Турција.
Претседателот Гаши одржал предавање на тема „Односите меѓу Северна Македонија и Турција на историски и политички план, актуелни прашања во светот“ пред ректорот, професорите и студентите на овој Универзитет.
Тој се осврнал на заедничката географија и историја, образованието, културата и градењето на нацијата, заедничката геополитика и перспективите како би можел да изгледа заедничкиот свет во иднина. Изразил убедување дека Балканот повторно ќе се обедини, не само како географска целина, туку и како место на допир на цивилизациите, културите и религиите во пошироки размери, каде што ќе преовладува мирот, безбедноста и благосостојбата, стои во соопштението.
Гаши посочил дека Северна Македонија е пример дека и на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство.
На средбата со Одборот за надворешни економски односи Турција - Северна Македонија, станало збор за можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да го следи примерот на одличните политички односи.
Гаши истакнал дека државните институции прават сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка, за што придонесува и географската близина, добрата инфраструктурна повразност и директните авионски линии меѓу двете земји. Било подвлечено дека се заемни заложбите на двете земји за зголемување на вкупната трговска размена и беше изразено очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Северна Македонија.
Во рамките на официјалната посета на Турција била остварена и средба со граѓани од Северна Македонија кои престојуваат во Истанбул, на која Гаши нагласил дека Северна Македонија и Турција ги поврзуваат историски и културни врски и во тој поглед, а иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа