Бугарско МНР: Процесот на евроинтеграции не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја-кандидат

 

Како свој главен надворешно-политички приоритет Скопје го наведува приклучувањето кон европското семејство на вредности и правила. На ова потсетува бугарското Министерството за надворешни работи, во својот став во врска со „постојаните изјави на претставници на Република Северна Македонија, со кои се доведува во прашање принципот „pacta sunt servanda“, јави БТА.

-Тоа претпоставува строго почитување на добро познатите обврски, посочуваат од бугарското МНР, додавајќи дека процесот на евроинтеграции се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Единствена гаранција за успех е исполнувањето на поставените критериуми и услови, се наведува во ставот на Министерството.

БТА ја цитира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена во вчерашното интервју на Канал 5, каде што наведува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан понудил да биде домаќин на средба меѓу Бугарија и Северна Македонија „за да се види дали може да се приближат позициите“, за да може Скопје да започне преговори со ЕУ.

-Нека биде Европска Унија арбитер, претседавачот со ЕУ нè кани во Будимпешта да ги решиме однапред сите прашања, да не биде етапно, туку сите, и да нема повеќе пречки и да нема билатеризација на овој процес. Веднаш да почнеме. Унгарскиот премиер Виктор Орбан планираше да ме повика мене и бугарскиот претседател во Будимпешта на разговори како претседавач со ЕУ, рече вчера Мицкоски.

Во интервјуто Мицкоски, како што наведува БТА, кажал дека претставниците со коишто разговарал во Брисел, му кажале дека ја поддржале Преговарачката рамка, бидејќи „поранешниот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги убедиле дека ќе го обезбедат неопходното мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот“. 

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на 25 септември донесоа одлука да ги разделат Албанија и Северна Македонија на патот кон пристапување во ЕУ, а првиот кластер Тирана ќе го отвори на 15 октомври. -Нашата позиција е многу јасна. ЕК се радува на отворање на првите кластери со Албанија што е можно побрзо, а и со Северна Македонија веднаш штом ги исполни критеримумите одредени од Советот, рече тогаш Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија. 

04.10.2024 - 22:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега