Груевски: Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа

Многу компании се заинтересирани за инвестирање во Македонија, а во моментов разговараме со најмалку десет кинески компании кои изразија сериозни намери за проекти и инвестиции во Македонија, истакна премиерот Никола Груевски во интервју за најтиражниот азиски весник China Daily.

-На вашата Влада и нудиме, ако е потребно, да создадеме една зона во која ќе поканиме кинески компании да инвестираат во Македонија под посебни услови и мислам дека работите се одвиваат во добра насока. Македонија на прв поглед е мала, два милиони луѓе, два милиони потрошувачи, тоа не е ништо за голема компанија. Но, ние имаме договори за слободна трговија со сите земји на европскиот континент, сите ЕУ членки и земји кои не се ЕУ членки, со единствен исклучок на Русија. И Турција, Украина, Швајцарија, сите источни држави... Се што е произведено во Македонија може да се извезе во било која од овие земји без царини и давачки. Тоа значи дека компании кои произведуваат во Македонија имаат еднаков третман кога извезуваат во Германија, Австрија, Швајцарија, Норвешка, Турција, со било која друга земја во Европа. Тоа е голема поволност за Македонија, бидејќи место да имаме пазар од два милиони луѓе, имаме пазар од 660 милиони потрошувачи. Многу компании ја користат нашата земја како влезна порта на европскиот пазар. Тоа е една важна работа, потенцираше Груевски.

Премиерот како друга иста така многу значајна предност ја истакна стабилнтаа политичка и макро-економска ситуација,со ниска инфлација од 1 до 2 проценти годишно, стабилна валута врзана за еврото и низок до умерен државен долг од околу 36 проценти од БДП, што е петти најнизок долг во Европа.

-Растот на нашата економија е значителен и постојан. Во 2013 и 2014 имавме втора највисока стапка на раст во Европа. И годинава очекуваме да имаме стапка на раст која ќе биде меѓу највисоките во Европа. Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа. Споредете не со било која друга земја на европскиот континент, нема држава со пониски трошоци. Тука мислам на сите можни трошоци за вашиот бизнис, од даноците, до логистичките, енергетските трошоци и трошоците за работна рака. Нудиме најниски трошоци за водење бизнис во Европа. Само еден пример, данокот на добивка е 10 проценти, но данокот на реинвестираната добивка е 0 проценти. Значително ги намаливме давачките за царина, акцизите, за многу сектори како ДДВ од 18 до 5 проценти, со што имаме пакет од најниски даноци во Европа, додава Груевски.

Светската Банка и Прајсвотерхаус Куперс во свој извештај оценија дека Македонија има најниска ефективна стапка на данок во Европа.

-На почетокот на мојата Влада, во 2006, Светската Банка ја рангираше мојата земја на 94 место во својот годишен извештај за леснотија на водење бизнис. Денес, во последниот извештај Дуинг Бизнис 2016, ние сме на 12 место и шести во Европа, зад Британија и четири од скандинавските држави.  Тоа е голем успех за еден кус период на време од 7-8 години - да дојдете од 94 на 12 место и да бидете меѓу првите во Европа. Беше потребно многу работа за тоа, многу реформи, кратење на бирократијата и подобрување на бизнис климата како за домашните така и за странските инвеститори, на кои еднакво сме посветени. Создадовме слободни економски зони кои даваат многу поволни услови за компаниите. Во првите десет години инвеститорите се ослободени од данок на добивка, личен данок на добивка, ДДВ и царини за суровините потребни за производство наменето за извоз. Имајќи предвид дека земјата во овие зони се изнајмува на 99 години, по многу ниски цени, безмалку бесплатно, и имајќи предвид дека зоните ја нудат целата потребна инфраструктура, ова се одлични услови за инвеститорите. Со овие поволности, и со многу други реформи, многу светски компании доаѓаат во Македонија во изминативе години и ја користат како добра локација за изградба на производни капацитети преку кои во многу случаи ја покриваат Европа, а во некои случаи извезуваат низ целиот свет, вели Груевски за Кинески Дневник.

 
 
28.11.2015 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега