Македонски уфолог тврди: Вонземјани слетуваат кај Охрид и Штип

 

Вонземјаните постојат, тие ја посетуваат Македонија, овде се, но уште не сакаат да се покажат и да стапат во контакт. Човековиот ум уште не е подготвен да го сфати начинот на кој тие се тука присутни, ниту да ги разбере законитостите што владеат во универзумот. Кој сака, нека верува во ова, кој не, нека не верува. Мојата задача е да го кажам тоа што го знам и да ги изнесам фактите кои науката уште не може да ги објасни.

Ова за Телеграф.мк го вели Стојмир Симјаноски, еден од најактивните и најпознати македонски уфолози, чии ставови, мислења, заклучоци во полето на потрагата по вонземски живот се забележани и во светската мрежа на уфолози.

- Да се сфати суштината на НЛО, човек едноставно треба да живее со тој проблем и исклучително добро да ја познава астрономијата. Едно е мислење, став или претпоставка, друго се фактите. Ни еден закон досега не може да го негира постоењето на друг живот и цивилизација во вселената. Со кое право некој може да тврди дека ние сме сами? Зарем ќе се занесува со религиозен фанатизам дека човекот е круна? Не е така. Човекот е еден слабак на кого природата му дала само моќ да го приспособува телото и да создава услови за да преживее – вели Симјаноски за Телеграф.

Тој вели дека во земјава, места на кои најчесто се појавуваат вонземски летала се Охрид и Охридско, Исарот кај Штип, како и локалитетот Јама, кај Лазарополе.

- Првиот за кој имаме податоци дека имал средби со вонземјани е Александар Македонски. Прва жена од Македонија која контактирала со вонземјани е Синадинка Герасимовска од Добреновец. Тоа било во 1942 година. Прва жена вонземјанин која е забележана е во Јама, во 1957 година. Првпат оружје било употребено во деведесеттите години, кај Прентов мост, во близина на Охрид, каде што вонземјанин пукал во наш доктор за да се спречи контактот – тврди Симјаноски.

Вели дека и на 30 септември 1991 година над Кичево, градот во кој живее, се појавила цела формација од НЛО, кои биле во различни бои и летале на висина од околу 500 метри. Како што тврди, луѓе посведочиле за тој настан, а биле направени и снимки од страна на полицијата, но сè уште не успеал да дојде до нив. Вели дека исти такви формации тој период биле регистрирани и над Египет, Грција, Бугарија, Романија и Украина.

Како што објаснува нашиот уфолог, во светската мрежа на уфолози постојат кодекси кои треба да се почитуваат при евентуална средба со претставник од вонземска цивилизација. Правилата се такви што упатуваат на тоа да не се предизвикува инцидент, кој би бил погубен.

- Тоа е правило кое повеќе е за заштита на планетата, да не се предизвика каков било конфликт. Инцидентите со вонземјаните би биле катастрофални. Фактите што досега ги имаме укажуваат дека тие ги избегнуваат умешно таквите инциденти. Воедно секој уфолог има задача да го шири како вистина тоа што го искусил, видел или открил во врска со вонземските цивилизации – нагласува Симјаноски.

- Точно се знае зошто се појавуваа во Охрид. Нема друг град каде што можат да се набројат 365 цркви. Знаеме дека тие постојат и дека се тука. Но, не знаеме кои се, од каде доаѓаат и зошто доаѓаат на Земјата. Спротивно на стравувањата на Стивен Хокинг, дека средбата со нив ќе биде фатална за човештвото, верувам дека вишиот разум е многу похуман. Сепак, не ми е спорно доаѓањето, спорно ми е тоа другото – зошто еднаш јавно не се покажат и точно да кажат кои се и зошто доаѓаат – прашува Симјаноски.

Повеќе на Телеграф.мк

15.09.2014 - 15:05


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега