Минитерството за труд успешно ги користи средствата од ИПА

Вицепремиерот Фатмир Бесими денеска во пресрет на есенскиот Извештај од Европската комисија, а во рамки на ЕУ Агендата 2014 на Секретаријатот за европски прашања, денеска во Министерството за труд и социјална политика се сретна со министерот Диме Спасов.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на средбата се разговараше за статусот на реализација на реформите во областа на социјалната политика, со посебен акцент на Поглавјата Слободно движење на работници и Социјална политика и вработување.  Областите кои ги покрива Министерството се разгледуваат на  Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика, како и на Поткомитетот за правда, слобода и безбедност. Се дискутираше и за активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА).

 На состанокот истакнаа дека е потребно забрзување на напорите за подготовка и имплементација на проекти и донесување закони во областите на социјалната политика и вработувањето, човековите права и заштита на малцинствата, како и азил.

Стана збор и за степенот на искористеност на средства кои стојат на располагање преку Инструментот за предпристапна помош – ИПА, а кои се клучни за реализација на реформите во социјалната политика и вработувањето. Во рамки на ИПА 1 во период од 2007 до 2013 година подготвени се 25 проекти од Компонента 4, и 5 проекти од Компонента 1, или вкупно 30, во износ од  околу 43 милиони евра.

Бесими истакна дека Министерството за труд и социјална политика е едно од институциите што успешно ги искористуваат европските фондови, кои се наменети првично за подобрување на животот на граѓаните во Република Македонија, а воедно се и од клучно значење за приближување на земјата кон Европската унија, преку вложување во социо-економскиот развој како и усогласување на законодавството со ЕУ.

Серијата работни посети „ЕУ - ИПА Институционална Координација“ на вицепремиерот Бесими ќе продолжи и со останатите институции корисници на ИПА фондови и имплементатори на НПАА, со цел непосредно информирање за сите аспекти од користењето на ИПА, имајќи ги предвид прашањата на програмирање, техничко спроведување, мониторинг, известување, исполнување на предуслови за успешно спроведување на проектите/програмите, како и аспекти на системот на управување, институционален и административен капацитет, почитување на процедурите за користење на овие средства, функционирање на координативни механизми, како и разгледување на статусот на реализација на активностите предвидени во НПАА.

15.09.2014 - 13:40


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега