Меџити упатува смирувачки тонови: Терапијата која се дава на Клиниката за онкологија е соодветна и ефикасна

 

По скандалот кој ја тресе Клиниката за онкологија, денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити, заедно со директорите на Клиниката одржаа заедничка прес-конференција. Министерот ја започна истата, со тоа што потенцираше дека бил длабоко погоден и гневен од случајот,  за кој Основното јавно обвинителство покрена истрага за сторено кривично дело. 
 
„Овој случај мора да биде целосно расчитен во најкус рок. Го разбирам гневот и фрустрацијата што овој се уште до крај неистражен случај ја предизвика кај нашите граѓани, особено кај оние директно погодени од канцерогените заболувања.
Оттаму, како министер за здравство кој неодамна ја презема функцијата, ќе направам се што е во моја моќ овој случај прво да се расчисти. Да се утврди и санкционира одговорноста на секој за кого ќе се докаже дека има удел во овој вид злосторство и ќе создадам услови за никогаш да не се повтори“, изјави Меџити во денешното излагање пред медиумите.
 
Тој додаде дека министерството тесно ќе соработувало со органите на прогонот и судството за да се обезбеди темелна и непристрасна истрага. Министерот за здравство упати и смирувачки тонови до пациентите на Клиниката, уверувајќи ги дека терапијата којашто ја примале, како што рече, била соодветна и ефикасна.
 
„Сакам да ги уверам пациентите и јавноста, дека терапијата која се дава на Клиниката за онкологија е соодветна и ефикасна. Замолувам да не се прави генерализирање и напади на целиот персонал на Клиниката, кој во најголем дел стручно и совесно ја врши својата работа. Нарушување на довербата кај пациентите кои во моментов се лечат е неодговорно и опасно. Исклучително ја цениме грижата и добронамерните коментари на граѓаните, но апелираме и замолуваме да не се шират невистини, да не се поттикнуваат хајки и омраза, туку да се помогне конструктивно на сите институции за што побрзо решавање на случајот“, додаде министерот Меџити.
 
 
 
04.09.2023 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега