Крива Паланка е град на културата за оваа година

 

Општина Крива Паланка ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“ во 2024 година, одлучи комисијата по распишаниот конкурс на Министерството за култура, кој беше објавен на Националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk. На конкурсот, апликација достави и Општина Велес.

„По извршената процена на пријавите, а во согласност со приоритетите, критериумите и мерилата наведени во конкурсот, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Крива Паланка има богата програма, која нуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естететика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници. Општина Крива Паланка ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи културна содржина во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во културата. Во програмата се содржани 55 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори“, велат од Министерство за култура.

Како што дополнуваат оттаму, манифестацијата ќе започне во март и ќе се одвива до крајот на годината.

„Манифестацијата „Град на културата“ почна да се реализира во 2004 година со цел создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво. На конкурсот учествуваат општините во Република Северна Македонија, со исклучок на Град Скопје и општините во Град Скопје“, додаваат од министерството.

13.02.2024 - 14:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега