Ковачевски: Едвај излеговме од Скопје

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се зафати со работа во Скопје, повторувајќи дека парламентарни избори ќе има во 2024 година и оти никој не се плаши од избори. Ковачевски, кој беше во посета на Тутунскиот комбинат во Прилеп, истакна дека катастрофата што и се случуваше на земјава 11 години, сега му се случува на Скопје, потенцирајќи дека во 2015 година тогашната Влада оставила неисплатени субвенции, а изградила 36 споменици во главниот град.

– Така како што успеаја да ја заглават државата 11 години, ниту еден милиметар во европски интеграции, раскарани внатре, раскарани со сите соседи…, јас би им порачал власта која што имаат во Скопје да земат да ја практикуваат затоа што од Скопје денес едвај излеговме бидејќи на протест се сите превозници. Во Скопје ветуваа бесплатен автобуски превоз, ветуваа бесплатен автобус, ветуваа брда и долини… Во моментов Скопје ниту има автобуски превоз, ниту има пречистителна станица за вода, ниту има какво било поместување на кој било капитален проект, кој им го остави минатата власт, рече Ковачевски.

Според него, не може на ВМРО ДПМНЕ да му биде изговор дека се скарале со градоначалничката, која што е нивен кандидат, бидејќи тие ја промовираа по Скопје.

– Не може, сега знаете, се скаравме и за да можеме добро да го управуваме Скопје ни требаат парламентарни избори. Не поминува таа работа. Нека се фатат за работа за да можат да профункционираат општините. Не сакам да зборувам за Општина Прилеп, рече Ковачевски.

Тој истакна дека пред точно една година ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори и освои 50 општини во државата.

– Тие освоија локална власт во главниот град во државата. Она што треба да прават е да се фатат за работа, рече премиерот.

Ковачевски повтори дека парламентарни избори ќе има во 2024 година и тие ќе бидат редовни, бидејќи тоа е редовен термин.

– Помина времето кога во државата се правеа избори секоја година само затоа што некој сака да спроведува само своја лична политичка агенда. Никој не се плаши од избори, додаде Ковачевски.

Тој е убеден дека СДСМ и коалицијата ќе победи и на претседателските и на следните парламентарни избори.

Во однос на барањето за предвремени избори, Ковачевски вели дека опозицијата нема конзистентен став.

– Опозицијата имаше избори во август оваа година. Тоа беа локални избори во општините Маврово – Ростуше, Центар Жупа и во Тетово. И таму се потврди дека тоа што го прават дека водат на анкетите е само за себе и за своето членство. Се потврди дека доживеаја најголем пораз, дека во Центар Жупа и покрај тоа што сакаа да направат бојкот уште еднаш не успеаја и во Општина Тетово каде што велеа дека ќе победеле 6:0, имаа послаб резултат од тоа што го имаа на последните локални избори, рече Ковачевски. 

28.11.2022 - 14:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега