Инфинум Македонија - добитник на наградата „Најдобар работодавач 2024”
Инфинум Македонија е добитник на наградата „Најдобар работодавач 2024”, како треторангирана во конкуренција од сите мали, средни и големи компании кои учествуваа во истражувањето на задоволство. Признанието се заснова на мислењето на самите вработени искажано во анкета за задоволство спроведена преку Пулсер, прва независна платформа за мерење на задоволството на вработените во Македонија.
Наградата беше доделена на годишната церемонија „Работодавач на годината”, организирана од најголемата платформа за вработување во земјава - Vrabotuvanje.com.
Учеството на компаниите во истражувањето е доброволно, а резултатите се засноваат на анонимни одговори од страна на вработените на анкета која го мери нивното задоволство со повеќе аспекти на работното место, вклучувајќи: компаниска комуникација, организација на работата, услови за работа, можности за професионален раст и развој, меѓучовечки односи итн.
„Инфинум Maкедонија за прв пат е добитник на оваа награда, што е значаен момент откако компанијата стана дел од Инфинум групацијата во 2021. Оттогаш, тимот доживеа значаен професионален развој и целосно се интегрира во меѓународните проекти и активности на компанијата“, наведе Мирјана Цветковска, генерален директор на Инфинум Maкедонија.
Цветковска истакна дека наградата „Најдобар работодавач“ за нив е вистинска чест и гордост бидејќи е признание на нивниот тим, кој, како што нагласи таа, „непогрешливо ја препознава грижата за луѓето и континуираната работа за создавање на што попријатна и квалитетна работна средина”.
„Истата е уште поспецијална со оглед на тоа што иако 2024 беше година на значајни организациски промени, сепак не само што успеавме да ја зачуваме, туку и уште повеќе ја зајакнавме културата, тимскиот дух, и условите за работа. Силната организациска култура базирана на доверба, транспарентност и отворена комуникација, продолжува да биде темелот на нашиот успех и она што придонесува луѓето да се чувствуваат задоволни, мотивирани и сите заедно да бидеме најдобри бренд амбасадори“, потенцираше директорот на компанијата.
Основана во Хрватска во 2005, Инфинум е глобална компанија за развој на дигитални продукти и соработува со водечки светски брендови. Со канцеларии низ Европа и САД, Инфинум обединува над 370 експерти кои го покриваат целосниот циклус на развој на продукт - од стратегија и дизајн до инженеринг и девелопмент.
Со портфолио на клиенти кои вклучуваат брендови како Филипс (Philips), Порше (Porsche), Најк (Nike), Вирџин (Virgin), и КПМГ (KPMG), Инфинум испорачува решенија во повеќе индустрии како финансиски, здравствен, автомобилски сектор и телекомуникации. Тимот во Македонија е активно вклучен во многу од овие глобални проекти, остварувајќи соработка која ги преминува границите како дел од меѓународни продуктни тимови.
Културата на Инфинум става акцент на континуираното учење, соработка и транспарентност, вредности кои придонесоа компанијата низ годините да стане повеќекратен добитник на наградата „Најдобар работодавач” во Хрватска, а сега да биде препознаена како одлично место за работа и во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа