Градот нема пари за подмирување на долговите - средбата на „Слобода превоз“ и Град Скопје заврши без договор

 

Нема договор помеѓу приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“ и Град Скопје поради немање средства за исплата. Директорот на претпријатието, Ленин Јовановски, најави дека тие линии кои не сообраќаа денеска нема да сообраќаат и утре, а за другите линии ќе се одлучи по средбата со превозниците.

– Иако состанокот беше напорен и траеше толку долго за жал не можам да кажам дека се договоривме за нешто конкретно. Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот сеуште не е поминат и дека единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет, изјави Јовановски на денешната изјава за медиумите по средбата со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.

Информираше дека во моментов се во ситуација каде што приватните превозници не можат да обезбедат средства за да ги покренат автобусите и дека со тој проблем се опфатени сите линии.

Јовановски исто така нагласи дека линиите кои не сообраќаа денеска, нема да сообраќаат ниту утре, додека околу приклучувањето на другите линии рече дека за тоа допрва ќе донесат одлука по средбата со превозниците.

– Не знаеме во наредниот што ќе се договориме со истите и колку ние ќе бидеме воопшто способни да го одржуваме овој дел којшто го имаме договорно превземено и што тоа ќе значи понатаму, нагласи директорот на „Слобода превоз“.

Додаде дека не добиле одговор на прашањето зошто е прекината исплатата на средствата што се слеваат во Јавното сообраќајно претпријатие по основ на извршен превоз, редовен превоз на патници и превозот од учениците, и зошто тие средства што се уплаќаат во ЈСП веројатно се користат исклучиво за потребите на самото претпријатие и зошто не се прават напори за дел од тие средства завршат кај нив.

– Одговорите се криза, немаме доволно средства, не можеме да гарантираме редовни исплати и цело време се насочуваше на состојбата да се пролонгира целото ова решавање за четириесетина дена., рече Јовановски и даде дека не го разбрале моментот дека навистина долгот е огромен и дека приватните превозници не се во состојба да ги покренат автобусите и дека немаат дури ни за нафта и дека повеќе од три месеци немаат исплатено ниту плати на возачите.

– Се повикаат на договорот којшто го имаме склучено, дека имаме обврска да го извршуваме превозот, доколку имаме некои побарувања тоа да го направиме во правна процедура и со евентуални тужби што ние не сме го правеле досега затоа што сме барале можности како целиот тој проблем да се реши, кажа првиот човек на „Слобода превоз“.

Тој најави дека допрва ќе имаат средба со превозниците и дека тие ќе одлучат за понатамошните постапки во однос на евентуални протести или на штрајк, иако постои можност за раскинување на договорот ако падне превозот под 80 проценти.

На новинарското прашање за постоење на можен „трик“ за прекинување на договорот, Јовановски изрази сомневање дека можеби намерно се провоцира овој проблем за поинаку да изреагираат приватните превозници за да може тоа да биде злоупотребено.

– Зад целата оваа ситуација можеби стои некоја друга позадина што не ја гледаме а можеме да ја претпоставиме. Најсимптоматично беше моето инсистирање да се одговори каде ЈСП ги троши парите од прибраните средства коишто според договорот треба да стигнат кај нас, и неодговорањето на тоа прашање, и дека кој ги пренасочува, ако ги пренасочува каде и како ги пренасочува, ми остава мала „дамка“ во целиот овој разговор, рече Јовановски, додавајќи дека ќе чекаат да видат дали и градоначалничката Данела Арсовска ќе го подржува ставот на секретарот Глигоров или дали таа на некој начин ќе реагира околу ова прашање.

Прашан за можноста на враќање на стариот систем на приватните превозници и да се водат посебно, тој рече дека немало таква дискусија и појасни дека тоа најверојатно не би одговарало на ниедната страна но дека се спремни да разговараат и за тоа прашање и за сите опции, меѓутоа информираше дека со стариот систем средствата се слевале во самите приватни превозници а сега сите средства се слеваат во ЈСП и не стигнуваат до нив и дека токму затоа се довеле до оваа ситуација.

– ЈСП за три дена доцнење го блокираше комплетниот јавен превоз и за многу краток рок се најдоа многу милиони за да се исплатат плати. Ние тоа што го бараме е многу помалку од износите што ги бараше ЈСП а сепак не се наоѓа соодветно решение, посочи Јовановски кој додаде дека според неговиот впечаток, од состојбата во кои се дојдени приватните превозници веројатно ќе се случат протести, штрајк и блокади во наредниот период.

Прашан за висината на сумата што им го должи Град Скопје, информираше дека сумата изнесува над 61 милион и 800 илјади денари, но истакна дека не се вклучени овие 20 дена дена од последниот месец со коишто заедно со следните десет дена од месецот долгот дополнително ќе се зголеми за околу 25 милиони денари.

И претставниците од приватниот превозник „Макекспрес“ исто така чекаа за средба со претставници од Град Скопје, но сопственикот на компанијата, Милорад Димитријевски, информираше дека и покрај долгото чекање не биле примени од страна на градските власти.

Тој информираше дека од 53 фирми коишто работата во составот на „Макекспрес“ околу 120 до 130 вработени останале без работа по раскинувањето на договорот од страна на Град Скопје.

Додаде дека имале опомена пред тужба кое било поднесено од архивата на Град Скопје и дека чекале недела дена за информации околу тоа но не добиле никакви информации, и дека по средбата со адвокатите најверојатно ќе следат тужби.

Приватните автобуси на „Слобода превоз“ на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 денеска не возат поради немање пари за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не им го исплатил долгот, додека линиите 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73 продолжија да оосбраќаат.

Од друга страна, приватните превозници од компанијата „Макекспрес“ истоа така поради неисплатени долгови од страна на ЈСП односно Град Скопје прекинаа со превоз на нивните линии.

21.11.2022 - 15:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега