Ѓорче Петров: Извесна Ивана во име на Општината и градоначалникот јаде и пие по ресторани
Општина Ѓорче Петров преку соопштение објави дека извесно женско лице лажно се претставува и по ресторани и кафеани прави нарачки во име на Општината и на градоначалникот Александар Стојкоски.
„Ве информираме дека извесна Ивана во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалаци, наводно за општината и градоначалникот. Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување на фактура“, велат од Општината.
Оттаму додаваат дека преземале мерки за да приберат докази и да го пријават случајот до надлежните органи и апелираат до угосителските објекти да не подлегнуваат на оваа измама.
„Најостро го осудуваме овој чин на измама и истовремено информираме дека Општина Ѓорче Петров нема склучено Договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги“, велат од Општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа