Германија ќе ѝ помогне на Украина да произведува ракети со долг дострел – Мерц и Зеленски најавија нова одбранбена соработка

 


Германија ќе ја поддржи Украина во производството на ракети со долг дострел, беше соопштено по средбата на германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин.

„Сакаме да овозможиме оружје со долг дострел. Сакаме да овозможиме и заедничко производство“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц (Христијанско-демократската унија ЦДУ) на заедничката прес-конференција по средбата со украинскиот претседател во Берлин.

Мерц конкретно не ги спомна испораките на германските крстосувачки ракети Таурус, но спомна заедничко производство на соодветно оружје.

„Министрите за одбрана на Германија и Украина, Борис Писториус и Рустем Умеров наскоро ќе потпишат писмо за намери“, рече Мерц.

Нагласи дека станува збор за производство на ракети без ограничување на дострелот, кои Украина ќе може да ги користи против воени цели лоцирани далеку од нејзината територија.

„Во моментов не можеме да откриеме повеќе детали, но можете да тргнете од фактот дека руското отфрлање на примирјето и водење преговори сега ќе имаат последици“, рече Мерц, додавајќи дека тоа е „нова форма на воено-индустриска соработка“.

„Ќе продолжиме да и помагаме на Украина и ќе ја прошириме таа помош“, рече Мерц.

Володимир Зеленски објасни дека станува збор за финансирање на постоечки воени проекти во самата Украина и соработка на ниво на воена индустрија.

Во исто време, украинскиот претседател изјави дека Украина „се уште се надева“ на испорака на крстаречки ракети со долг дострел од типот Таурус.

„Што се однесува до ракетите со долг дострел од Германија и производството на други земји, тие сè уште ни се потребни и секако дека ќе продолжиме да разговараме за ова прашање“, рече Зеленски.

Истовремено, тој нагласи дека Украина сака мир и дека за таа цел украинскиот министер за одбрана разговара со неговиот руски колега.

Германија веќе подолго време разговара за испорака на ракети Таурус во Украина. Поранешниот канцелар Олаф Шолц го одбил од страв да не ја вовлече Германија во војна.

Канцеларот Мерц по средбата со Володимир Зеленски најави и дека германските министри оваа година ќе одржат заеднички консултации со украинската влада.

Мерц рече дека Германија и Украина се зближиле од почетокот на целосната руска инвазија на Украина во 2022 година и дека германските и украинските власти тесно соработуваат.

28.05.2025 - 18:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега