ФОТО: "Пулс" користела пиротехника и порано - Фотографиите сведочат што се случувало

 

Пожарот кој настана во дискотеката "Пулс" во Кочани, каде загинаа 59 лица, додека повеќе од 150 се повредени, ја зави во црно цела македонската, балканска и светска јавност. Во нашата држава е прогласена седумдневна жалост, а ден на жалост денеска е и во Србија, БиХ, Црна Гора и Бугарија.

На прес-конференција која се одржа вчера, министерот за внатрешни работи,  Панче Тошковски, соопшти дека пиротехничките средства кои беа причина за пожарот, ги донел бендот ДНК. Тој истакна дека концертот се одржал на диво, без писмен договор со изведувачите и дека во дискотеката имало 500 лица, иако биле продадени 250 билети.

Имено, на официјалниот Инстаграм профил на дискотеката "Пулс" каде се случи трагедијата, стојат разни фотографии направени низ годините, на кои јасно се гледа дека и порано биле користени пиротехнички средства внатре во објектот. Дел од фотографиите датираат дури од 2016 година.

На официјалната Инстаграм страна на дискотеката, последна објава е најавата за настапот на ДНК, на 15 март 2025.

- После точно една година, оваа сабота (15.03) гостуваме во клубот “Пулс” во кој секогаш сме добредојдени, и кој ја има една од најдобрите публики. Ве очекуваме во што поголем број за заедно да ги испееме сите ДНК рефрени!, стои во објавата.

Според објавите на Инстаграм страната, може да се види дека бројни пејачи од Македонија и регионот настапувале во објектот, а дел од нив се Наташа Беквалац, Јована Пајиќ, Антонија Гиговска, Милица Павловиќ, Тајзи, Ивона Јо, Релја Поповиќ, Влатко Лозановски, 2 Бона и многу други.

Изјавата на министерот Панче Тошковски дека ДНК ја донеле пиротехниката во објектот каде загинаа 59 лица, предизвика лавина реакции, а се огласи и сопругата на Андреј од бендот, кој за жал е меѓу оние кои трагично го загубија животот. Наталија Ѓоргиеска напиша дека лага е дека бендот ја донел пиротехниката.

„Во овој момент, кој е најтежок за нас, медиумите и државните институции, ме предизвикувате за првпат да се обратам до македонската јавност. Во текот на вчерашниот ден, по потрага на својот сопруг Андреја Ѓорѓиески, да го најдам во некоја од болниците, на домашна адреса не посетила криминалистичката служба која без објаснување го барала мојот сопруг, во присуство на нашето дете.

Истата служба ме побара телефонски во неколку наврати со НАЈНЕХУМАН однос да дадам информација каде е мојот сопруг со цел да даде изјава за настанот, за што истото прашање го упатив кон нив. Од медиумите, кои пренесуваат ЛАЖНИ информации, дознале дека сопругот е на домашно лекување, додека тој лежи во болницата во Кочани, мртов.

Ги замолувам сите јавни медиуми да не шират дезинформации на социјалните мрежи. Ги замолувам и јавните органи да си извршат детален увид за целиот трагичен настан. Во овој тежок момент за сите нас, ЈАВНО ги замолувам институциите и медиумите да ја почитуваат пред се, нашата приватност. Лажни објави дека мојот сопруг е на домашно лекување и дека пиротехниката е донесена од страна на бендот, ве молам, НЕ ШТИТЕТЕ НЕКОЈ КОЈ ТРЕБА ДА Е ПОЗАДИ РЕШЕТКИ! Како сопруга и мајка на малолетно дете, покажете малку сочувство, а така и за поблиското семејство и пријателитe“, напиша таа.

  

И други јавни личности искажаа револт по изјавата на министерот, а една од нив е пејачката Ребека.

- Огромна почит и сочувство до семејството. Знаете ли вие колку хумани дела имаат зад себе Панчо и Андреј!!!!? Тие се наши ѕвезди и однесувајте се така кон нив во овие кревки моменти. Нештата ќе се расчистат. Прв пат слушам бенд, пеач да носи пиротехнички материјали!!? Можеби...Не знам, но таму и претходно имало забави со пиротехнички материјали. Не ми се верува дека сите сами си ги носеле и од Србија, напиша таа.

Пулс немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објектот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. 

Според последните информации, Основното јавно обвинителство Кочани предложи определување мерка краткотраен притвор за 16 лица. Предлозите се прифатени и мерката е определена за сите 16. Од нив неколку се спроведени во Шутка во Скопје, останатите во Куманово. Краткотраен притвор од 48 часа издржуваат и Крешник Бектеши, како и поранешниот прв човек на Пазарна, Штраус. 

Во страшниот пожар загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Дел се лекуваат на скопските Клиники, а дел во регионот.

За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.

18.03.2025 - 17:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега