EБОР ќе даде пари за нова инвестиција во Македонија - фокусот во зелената енергија, патната и железничката инфраструктура

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски го прими потпретседателот за политика и партнерство на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Марк Бауман, кој во придружба на директорот на ЕБОР надлежен за Република Северна Македонија, Анди Аранитаси, е во работна посета на нашата земја.
 
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, премиерот Ковачевски се заблагодарил за континуираната поддршка на ЕБОР за Северна Македонија во реализацијата на приоритетните проекти и изрази уверување дека успешната и долгорочна соработка со банката ќе продолжи и понатаму.
 
„На средбата беше истакнато дека во наредниот период од посебен интерес ќе биде поддршката на инвестициите за постигнување економски раст, особено оние од областа на зелената енергија, патната и железничката инфраструктура.
Енергетската криза особено покажа дека за нејзино надминување се значајни заеднички напори и инвестиции во енергетскиот сектор и обезбедување производство од домашни капацитети.
 
Проектите кои се изведуваат со финансиска поддршка од ЕБОР, како што е 10 мегаватната фотоволтаична електрана изградена на окното на стариот рудник со јаглен во Осломеј, 30 мегаватни соларни фотоволтаици во РЕК Битола, како и поддршката за изградба на новата 400/110 киловолтната трансформаторска станица во близина на Охрид, се проекти што говорат за силното партнерство меѓу банката и Владата на Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Владата испратено до медиумите по писмен пат.
 
На состанокот бил наведено дека природниот гас е клучен за економски развој на нашата земја и дека во таа насока поддршката за гасна интерконекција со Грција ги забрзува работите на изградбата на гасоводот на делниците Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево кои се финансираат со финансиска поддршка на ЕБОР.
 
„На средбата беше истакнато дека за Северна Македонија од исклучително значење е поддршката на ЕБОР за рехабилитација на третата фаза од источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, последна делница Крива Паланка – граница со Бугарија, како и проектите за изградба на железничката пруга Кичево – граница со Албанија и реализацијата на проектот за изградба на автопатот Скопје-Блаце.
 
Учеството во поддршката на утврдените приоритетни области, беше речено на средбата, говори дека ЕБОР ги препозна како вредни капиталните инфраструктурни проекти во нашата земја и дека останува постојан партнер во забрзувањето на економскиот раст на Северна Македонија“, се дополнува во соопштението на Владата, испратено до медиумите.

29.04.2022 - 17:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега