Џафери: Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и да ја развиваме

Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, по повод празникот 2 Август- Денот на Републиката.

„Ако го погледнеме Крушевски Манифест, ако ги погледнеме и документите на АСНОМ од 1944 година, ќе согледаме дека се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, во кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава, и ќе се увериме дека историјата, настаните низ неа, сами го детерминирале патот по кој треба да се чекори ако се следи разумот кој ја наметнал потребата од сплотување кон единствената, природна и остварлива крајна цел, а тоа е заеднички дом за сите со јасна визија, мудрост и разум, за сите кои ја надминале тесната и себична рамка, го отвориле умот и силно ги прегрнале благодатите кои ги нуди взаемната почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право кое е нова додадена вредност на нашата земја, меѓутоа, имајќи ја предвид и структурата во соседството и регионот, додадена вредност и во регионот и пошироко“, рече Џафери.

Секако, додаде тој, дека низ годините на растот и развојот на земјата не беше лесно да се опстане, да се сочува мирот и зајакне безбедноста и сигурноста на границите и нашите граѓани, не беше лесно да се одржи ниту економската стабилност.

„Република Северна Македонија, колку и да е мала по територија, има значајна гео-стратешка важност и не била надвор од глобалните случувања и консеквентно тие случувања се прелевале и имале влијание врз развојниот пат на државата. Меѓутоа, желбата за заедничка, слободна, независна држава, држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде подеднакво за сите граѓани без разлика на етничката, верската или која било друга припадност доминираше и нашата земја ја посочуваат како светол пример и успешна приказна во регионот“, рече Џафери.

Надоврзувајќи се на неодамна донесената Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадата на европските интеграции, Џафери ја опиша како најдобра потврда за тоа дека има заемна почит, се води заедничка битка за одржувањето во живот на сонот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото.

– Има една константа, а тоа е дека ниту доброто, ниту лошото не бира по нација, не бира во вера, по пол, по социјален и економски статус, ниту пак бира по политичка припадност. Едноставно се случува и во еден миг сите подеднакво сме исправени пред новиот момент, а такви моменти постоеле. За тоа сведочи пишаната историја, живите сведоштва, испеаните песни и раскажаните преданија. Такви моменти на предизвици постојат и сега и верувам дека ви се познати и вам во ова необично време на пандемија која го зафати целиот свет – истакна претседателот на Собранието во своето обраќање.

Со членството во НАТО, тој истакна дека државата се движи кон вистинскиот пат и оти биле донесени тешки државни одлуки што го деблокираа патот кон евроатлантската интеграција, што овозможи политичко созревање.

 

– Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани – истакна Џафери.

02.08.2021 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега