ДУИ: ВРЕДИ нема знаење и храброст да направат повеќе за учениците Албанци
Демократската Унија за Интеграција денеска преку прес-конференција ја презентира „долгата листа на неуспеси на владината коалиција во образовниот сектор“.
„Овде сме денеска за еден краток осврт на долгата листа на неуспеси на владината коалиција во образовниот сектор. Се разбира, акцентот на неуспесите е директно поврзан со интересите на албанската заедница, каде што дел од активностите се добро обмислени од големиот коалициски партнер, а за кои помалиот партнер ВРЕДИ нема знаење или храброст да направат нешто повеќе.
ВРЕДИ во кампањата вети имплементација на албанскиот Еразмус, односно програма за научна и стручна размена меѓу албанските универзитети меѓу Албанија, Косово и Македонија. Ги прашуваме претставниците на ВРЕДИ, дали ова се наоѓа во некој документ на Владата или Министерството за образование и наука? Имаат ли предвидени денар со ребалансот на буџетот за 2024 година, или пак во буџетот за 2025 година?
ВРЕДИ исто така јавно излажаа дека владата одвоила 35 милиони евра за кампусот на јавниот универзитет „Мајка Тереза“. До денес не се обезбедени никакви средства ниту во буџетот на МОН ниту во буџетот на универзитетот. Вистината е дека напротив, со ребалансот на буџетот ги намалија средствата за албанските универзитети“, велат од ДУИ.
„Исто така, оваа влада не ги зголеми стипендиите на студентите за ниту еден денар, а последното зголемување беше од претходната влада.
ВРЕДИ јавно излажаа дури и за унифицираниот буквар, кој наводно тие го одобриле. Вистината која му е позната на сите е дека истиот буквар го одобри владата во минатиот мандат, додека МОН обезбеди донација за секој првоодделенец за почетокот на 2024 учебна година, односно минатиот месец. Букварот требаше да се дистрибуира во септември во училиштата после измените на законот за учебници. За разлика од другите закони, Министерството за образование не го стави овој закон во процедура, таргетирајќи прецизно поништување на одредбите кои предвидуваат систематска и законска употреба на унифицираниот буквар. ВРЕДИ, за да го покрие овој неуспех, во септември го дистрибуираше букварот обезбеден од ДУИ, без законско решение, оставајќи го неговото користење да биде доброволно и само за оваа учебна година, а не поддржано со закон.
ВРЕДИ ги остави и децата од Чашка без образование и училиште, намалувајќи ги средствата од 8 милиони денари што требаше да се потрошат во текот на годината, на неколку десетици пати помалку. Денес, учениците учат во мектеб и тоа претставува институционално и системско бркање на учениците Албанци од училиштата, слично на периодот од 1988 година во некои албански општини. Потсетуваме дека минатата година овие ученици следеа настава во училиштето „Тодор Јанев“, каде што треба да бидат и сега.
По формирањето на владата, од програмите на Министерството за образование и наука беа отстранети и капиталните инвестиции во училиштата на општина Липково и реконструкција на училишна спортска сала во општина Куманово. Значително е намалена динамиката на градба во училиштето во Селце, а скратени се средствата за 2024 година за гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово.
Оваа влада го врати православниот и навредливиот елемент против Албанците во учебниците – ги нарече Албанците узурпатори на своите огништа и тоа се случи од јули и по формирањето на новата влада.
Ги вратија старите наставни програми во основното образование нанесувајќи им штета на децата. Овие промени на курсот понатака ќе донесат непоправливи последици за учениците кои откако почнаа да работат со нови и реформирани програми се враќаат на старата и анахрона концепција.
Министерството за образование и наука и во овој момент не знае како ќе продолжи реформата во основното образование во наредната учебна година – односно дали реформата ќе биде прекината втора година по ред . Оваа учебна година, иако Министерството за образование и наука ја прекина реформата за VII одделение, овој момент беше само за ПР ефект кој нема ниту причина, ниту пак некаков позитивен ефект. Тоа го знае самото МОН, но и сите меѓународни партнерски организации кои 3 години по ред беа најголеми поддржувачи за имплементација на новата концепција.
МОН, во овие 100 дена, имаше уште еден скандал, а тоа е поништувањето на постапката и користењето на интерактивните учебници, оставајќи ги учениците без такви можности барем во првото полугодие и отворање други дилеми за кои ќе информираме во иднина.
Владата го обезвредни човечкиот капитал, а не ги зголеми платите на наставниците како што беше договорено со предложениот закон. Зголемувањето сега се чини е само симболично од 250-300ден.
Ниту Министерството за спорт, ниту Министерството за образование не опфатија ниедна албанска општина за изградба на спортски сали, па дури ни Тетово не беше вклучена во тој проект.
Владата, на владина седница во првите денови изврши етничко чистење во Националната комисија за учебници и ги смени сегашните членови со несоодветни лица и повеќе од 100 дена не е одобрен ниту еден учебник.
Јавно ги покануваме министерот и заменик министерот да објави кога се испечатени учебниците за 1-6 одделение. Власта се фали со учебниците што ги испечати претходното раководство. Актуелната министерка за образование нема испечатено ниту еден учебник за тековната учебна година. Единствено што направи е директен откуп на некои учебници од издавачки куќи кои имаат авторски права, односно ги извадија од подрумите старите учебници поради лукративни причини.
Стручното образование е целосно оставено настрана, а исто така немаше ниеден одобрен или испечатен учебник за овие програми и профили.
Министерството за образование и наука ќе продолжи според стратегијата што сега ја подготвува да ги затвора паралелките со албански наставен јазик и во албанските општини, со изговор дека ги оптимизира училиштата. Сето ова, кога е познато дека намалувањето на бројот на ученици во основното и средното образование е токму во источниот дел на Северна Македонија“, соопштија од ДУИ на прес-конференција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа