Деспотовски-Бартон: Презентиран новиот концепт на поттикнување на инвестиции
Можностите за соработка и нови инвестиции, во контекст и на новиот концепт на работа на Технолошко индустриските развојни зони, беа во фокусот на средбата на директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски и Комесарот за трговија на Обединетото Кралство за Европа, Крис Бартон.
Како што пренесуваат од ТИРЗ, на средбата Деспотовски нагласил дека предноста на Северна Македонија како мала земја е тоа што ги препознава потребите на инвеститорите и нуди флексибилниот пристап. Дополнуваат дека тој, исто така, посочил дека клучен адут во привлекувањето на странски инвестиции во контекст на глобалните случувања, е стабилноста гарантирана со членството во НАТО, како и предвидливата деловна клима, пристап до квалитетна инфраструктура и ефикасни јавни услуги.
На средбата се разговарало за конкретни механизми за соработка и размена на искуствата во однос на инвестициските активности во двете земји.
Комесарот за трговија Бартон нагласил дека целта на неговата посета е дополнително да ги поттикне трговските и инвестициските врски меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Од ТИРЗ наведуваат дека комесарот Бартон ја претставил и можноста за гаранции за инвестиции за британски извозни и инвестициски проекти во Северна Македонија и изразил задоволство од британските компании што инвестираат во земјава кои, како што посочил, се пример за добри пракси во работењето и најавил дека ќе продолжи да работи на зголемување на економското присуство во регионот.
– Деспотовски информираше и за подготовките за нов циклус на активности за поттикнување на инвестиции, со фокус на Западна Европа, САД, како и источна Азија и го најави почетокот на новата промотивна кампања за инвестициските можности во Северна Македонија, во соработка со реномираниот британски магазин „Економист“, стои во соопштението од ТИРЗ.
Кампањата се базира на презентација на десетгодишните резултати од работењето на компаниите во ТИРЗ, кои според анализата, оствариле континуиран раст во изминатава декада и постојано растат. Само вкупните приходи на компаниите бележат просечен годишен пораст од 16 отсто, а раст има и на бројот на работни места, платите и уплатите во Буџетот на државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа