Чешкиот претседател: Путин ја чека победата на Трамп за да преговара без ЕУ
Рускиот претседател Владимир Путин ги чека изборите во САД во 2024 година, надевајќи се дека ќе преговара за иднината на руско-украинската војна со Доналд Трамп, поранешниот американски претседател кој се кандидира за републиканска претседателска номинација, без мешање на која било европска земја, рече чешкиот претседател Петр Павел.
Павел вели дека Путин јасно ставил до знаење дека не може да има разговори за какви било мировни преговори до исходот на изборите во САД, пренесува Еуроактив.
– Со тоа јасно стави до знаење дека за него партнер за евентуални преговори не се никој друг туку САД. Ниту некоја од водечките европски земји – изјави Павел.
Тој рече дека доколку Трамп победи на претседателските избори во САД, Путин би можел да се обиде да преговара со него „без оглед на тоа што мисли Украина или остатокот од Европа“.
Чешкиот претседател смета дека таквите преговори меѓу Путин и Трамп би можеле да доведат до „некој вид на компромис“ кој ќе го врати статусот на Русија како клучен играч, додека другите ќе мора да го прифатат.
Павел, кој беше шеф на воениот комитет на НАТО пред да стане претседател на Чешката Република во јануари 2023 година, е силен поддржувач на Украина, но се чини дека е прилично скептичен за тоа како ќе се развива руско-украинската војна.
Тој рече дека светот наскоро ќе мора да се соочи со „нова ситуација“.
– Има многу пред нас бидејќи развојот на конфликтот во Украина покажува дека постои голема веројатност следната година да видиме некои значајни случувања. Досегашните показатели укажуваат дека тоа нема да биде во најдобра смисла на зборот, како што би сакале – рече Павел.
Коментарите на Павел се слични на оние на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој претходно овој месец изјави дека очекува „лоши вести“ од украинскиот фронт.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека, доколку биде реизбран, ќе ја реши војната во Украина во рок од 24 часа.
Во меѓувреме, Финска, чие членство во НАТО беше силно критикувано од Москва, ѝ даде на американската војска неограничен пристап до воените објекти во близина на финско-руската граница.
Финска и САД во понеделникот потпишаа договор за одбрана, со кој на американската војска ѝ се дава неограничен пристап до воените објекти во близина на финско-руската граница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа