Палевски со слушалка во увото, Кешишов се прекрстува: Снимки од домот на Манев откриваат нови детали за убиствата на Вања и Панче

 


На денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, обвинителството презентираше снимки од домот на обвинетиот Велибор Манев.

На снимките се гледа како во вечерните часови на 21.11.2023 година, во домот на Манев пристигнува возило, за кое обвинителството тврди дека е на обвинетиот Боро Видески. Ова се случува во ноќта кога исчезнува Панче Жежовски, кој е убиен следниот ден.

Неколку минути подоцна од „рено кангу“ од совозачкото место излегува другиот обвинет, Влатко Кешишов и влегува во куќата. По него излегува и првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо. „Цитроенот“ на Жежовски на овие снимки сè уште го нема.

На следната снимка од истата вечер во 22 часот и 26 минути се гледа Кешишов во дворот од куќата како се прекрстува и во раката држи ранец. Кешишов нешто става во возилото, а Манев држи два балони. Кешишев со возилото „рено кангу“ излегува на улицата, а Манев со својот „мерцедес“ се упатува кон Велес.

По дваестина минути Манев со „мерцедесот“ се враќа од истото место кон кое замина и повтоено заминува. Прашањето е што барал Манев во вечерните часови неколку пати да оди кон градот неколку пати и веднаш се враќал? Во 22 часот и 43 минути Манев ги носи двете туби кон „кангуто“ кое во тој момент е паркирано на улицата.

Шест минути подоцна се гледа Палевски со слушалка во увото како со Видески излегуваат на улицата. Кешишев се упатува кон „кангуто“ додека останатите го чекаат. Видевски во раката држи радио врска „моторола“ и ја тестира. Закачени микрофони имаат и Видевски и Манев.

Сите четворица пешки тргнуваат во правец на куќата на Жежовски бидејќи биле соседи од иста улица со Манев. Во 22 и 56 минути се гледа како Кешишев се враќа од правецот од кој претходно замина пешки. Две минути подоцна „кангуто“ оди кон Велес, односно во правец на куќата на Жежовски. 23 и 57 минути сите доаѓаат пред куќата на Манев и нешто разговараат. Тројца влегуваат внатре додека Кешишов се упатува кон „кангуто“, зема некоја кеса и туба и влегува во домот на Манев.

21.02.2025 - 14:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега