Бесими: Ова е време на големи економски предизвици, неопходно е внимателно креирање на фискалната политика

 

Обезбедување фискална поддршка во годинашниот Буџет за надминување на ефектите од кризата, внимателно следење на ценовните движења и зачувување на ценовната стабилност на среден рок преку водење соодветна монетарна политика, продолжување со реформите во управувањето со јавните финансии преку постепена фискална консолидација на среден рок, усвојување на новиот закон за буџет, спроведување на Даночната стратегија и дигитална трансформација на Управата за јавни приходи, донесување нов закон за јавно приватно партнерство, како и подобрување на деловното окружување преку продолжување со дигитализацијата на јавните услуги, рационализација на парафискалните давачки и усвојување нова стратегија за формализација на економијата, се само некои од препораките што произлегоа од Економско-финансискиот дијалог на земјава со ЕУ, што се одржа на 24 мај годинава во Брисел.

Како што соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, во дискусијата со Европската комисија, по доставување на Програмата на економски реформи 2022 – 2024, договорено е фокусот во наредниот период да биде насочен и кон усвојување на правната рамка за енергетска ефикасност и воспоставување фонд за енергетска ефикасност согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, како и кон продолжување со реформите во образованието, особено кон средното стручно образование.

Меѓу заедничките препораки е и зголемување на опфатот и пристапот на невработени ранливи категории со мерките од Оперативниот план за активни политики и мерки за вработување и преку зголемена соработка на центрите за вработување и социјалните центри.

-Целта на спроведувањето на овие заклучоци е да се зајакнат економскиот и социјалниот развој на земјата, како и да се приближиме кон постигнување на барањата од Копенхашките критериуми за пристап кон ЕУ, истакна Бесими.

Според него, со официјалното усвојување на заедничките заклучоци почнуваат подготовките за наредната Програма на економски реформи 2023-2025 година.

-Ова е време на големи економски предизвици, за што се бара внимателно креирање на фискалната политика, со мерки за поддршка на економијата и граѓаните, но и мерки за поттикнување на растот, подвлече министерот.

Бесими оцени дека воспоставената пракса на дијалог на високо ниво во изминатите две години помеѓу министрите и  директорите на директорати во Европската комисија за предизвиците со кои се соочува земјата  за постигнување одржлив економски раст, е силен сигнал до ЕК за нашата посветеност за процесот на преговори, каде што Програмата на економски реформи има клучна улога и претставува оперативна алатка за спроведување на структурните реформи кои се предуслов за користење на финансиските средства од Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.

26.05.2022 - 09:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега