Бектеши: Ќе има дополнителни антикризни мерки по усвојување на ребалансот на Буџетот
Во моментот кога ќе се усвои ребалансот на Буџетот, кога ќе имаме можност да креираме мерки и да ги редизјанираме постоечките, ќе ги викнеме сите стопански комори, сите засегнати страни и синдикатите и ќе излеземе со дополнителни мерки, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши информира дека секојдневно добива писма од различни здруженија и од стопанските комори, напоменувајќи дека Министерството е подготвено за состаноци и за разговор во детали.
-Во однос на антикризните мерки, чекаме да биде усвоен ребалансот на Буџетот. Институциите се подготвени да се соочат со кризата. Секој ден добивам писма од стопанските комори и од различни здруженија. Сите што се заинтересирани да дадат придонес, тоа може да го направат јавно, а секако дека ние сме секогаш подготвени за состаноци и за разговари во детали, изјави министерот, одговорајќи на новинарски прашања по врачувањето на договорите за „Субвенционирање плати“ во Тетово.
Вчера, дополни, имаше и изјава од страна на претседател на опозициска партија.
-Тој кажа дека сакале да се вклучат и да придонесат во делот на справување со кризата со што индиректно признава дека намерно претходните мерки биле блокирани. Тие имаа можност да бидат вклучени и тогаш, а сега за политички интерес даваат таков предлог. Не, институциите се подготвени да се соочуваат со секаква криза, за храна, за струја или за топлинска енергија, нагласи Бектеши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа