Зголемен бројот на пријави за семејно насилство во Прилеп: Децата се најчести жртви

 


Се зголемува бројот на пријави за семејно насилство во Прилеп, а загрижуваат податоците дека е зголемена бројот каде жртви на насилство се децата, констатираат од прилепскиот Центар за социјални работи. Од Центарот нагласуваат дека не треба да се работи само 16 дена кога е активизмот против родово базираното насилство, туку континуирано 365 дена во годината. Годинава има пријави за семејно насилство врз шест деца на возраст од пет до 12 години.

-Семејното насилство за жал стана секојдневие во модерното живее а ако споредиме од работата на Центарот и добиените пријави од претходната година и тековната 2024 година, бројот на пријави добиени во Центарот е зголемен и до овој момент има 84 пријави не сметајќи ги пријавите заведени како поплаки. За жал оваа година зголемен е бројот каде жртви на семејно насилство се јавуваат децата, но од друга страна е добро што е развиена свеста за препознавање на насилството врз децата од другите институции и зголемена е меѓуинституционалната соработка за надминување на овој проблем, изјави на денешната прес-конференција Јасминка Митреска, раководител на Одделение и социјален работник во прилепскиот Центар за социјални работи.

Реален предизвик и она на што треба да се даде фокус е подигнувањето на свеста за сексуалното вознемирување, демнењето и контролирачкото однесување како родови форми на насилство и нивното влијание врз благосостојбата и развојот на младите жени и девојки, со оглед дека имаме ниска стапка на обвиненија и истрага за овие дела, а за жал кај жртвите не постои препознавање и бројот на вакви пријави е многу мал.

-Многу е мала примената на мерката отстранување од домот на насилникот како итна мерка која е во надлежност и должност на другите институции, а се изрекува во текот на 12 часа од пријава на насилството, со што се зголемува стравот и неизвесноста кај жртвите бидејќи се доведуваат во ситуација наместо тој што го предизвикува насилството да биде отстранет, жртвата е принудена да го напушти домот и да се смести било во семејство на блиски роднини или во соодветен шелтер центар, објаснува правничката Тања Тренкоска Алексоска.

Во Прилеп нема Шелтер центар за сместување, па се користат Шелтер центрите од другите градови. Недоставува и советувалиште за жртви, а за стручните лица во Центарот има големи закани и малтретирања. Потребни се и обуки.

-Соочени сме со закани, навреди, заплашување, лични освети, нанесување штети на личен имот, закани кон фамилија и семејство, изложување на ризик посебно кога треба да ја извадиш жртвата од домот и да и обезбедиш соодветно сместување. Постои наше емоционално и професионално согорување, бидејќи недоставуваат соодветни обуки, психосоцијална поддршка, како и недостаток на стручен кадар во центрите општо, вели Ангела Чавкоска Симоноски, психолог во Центарот за социјални работи.

13.12.2024 - 16:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега