Зајкова: Целта за 2024 е надминување на сите досегашни предизвици и интензивно работење за скорешно членство во ЕУ

 

 

Фокусот во годината која ни претстои мора да биде ставен на тоа во кој правец ќе се движи државата во понатаму. Сите заедно да работиме на  надминување на  предизвиците кои го кочат евроинтегративниот процес, а истовремено и да се решаваат системски, а не популистички сите внатрешни прашања кои ја засегаат социо-економската состојба на граѓаните, истакна претседателката на Либерално демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова во интервјуто за Press24.

Претседателке, што според вас, го одбележа дејствувањето на ЛДП во текот на изминатата година?

Моника Зајкова: Тематската конференција и караванот ,, Секој е важен-овде и сега“ , кој опфати бројни разговори и разменети мислења и предлози со граѓаните во речиси секој град во Македонија.

Како Либерално-демократска партија константно работиме на политики кои целат кон подобрување на социо-економската состојба на граѓаните. Интензивно се залагаме за носење на закони со кои сите, еднакво ќе ги уживаат своите права. Тука, би сакала да ги потенцирам иницијативите кои ги покренуваме, како на пример Иницијативата за отповикување на градоначалници, која исто така е креирана во таа насока - секој да биде еднаков и еднакво да ги сноси одговорностите. Обезбедивме Закон за студентски оброк, а работиме и на решение за загарантирано работно место на најдобрите студенти, но и на отворање на можности за поттикнување на претприемачкиот дух кај младите. Жалам што не се разгледа Измената на законот за платни системи кој требаше да сочува повеќе пари во џебот на граѓаните наместо енормни профити на банките. И што остана во процедура Измената на кривичниот закон со кој баравме подигнување на годините на застареност за кривичните дела од триесеттата глава која опфаќа дела со кои се наштетува на буџетот на државата. За мене лично дефинитивно нашето дејствување во текот на изминатата година го одбележа комуникацијата со граѓаните, слушањето за нивните потреби, врз кои ја креиравме нашата програма и политики.  Би сакала да ги додадам и нашите интензивни заложби за членство на Северна Македонија во Европската унија, вклучително  и применувањето на европските практики во нашето работење. ЛДП е предводник на патот кон Европа, а слоганот Секој е важен, стана општо прифатен слоган и политички, но и од граѓаните.

Ја споменавте комуникацијата со граѓаните, како се одвиваше процесот и кои се клучните пораки кои ги добивте од нив?

Моника Зајкова: Со Караванот „Секој е важен“ ги посетивме речиси сите општини во земјава, со цел да ги чуеме лично предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, но и да поразговараме за се она што им е од интерес. За нас, од суштинско значење е да дејствуваме во насока на подобрување на секојдневниот живот во Македонија, бидејќи за жал, како што сведочиме, трендот на апатичност и иселување и натаму продолжува. Сметам дека популизмот и собирањето на дневно политички поени го разора системот на државата. И сега веќе е многу тешко да понудите системски решенија бидејќи се сè помалце атрактивни од популистичките. Популизмот е она што сакаме да го чуеме, а е далеку од реално спроведлив системски или на долг рок. Но, граѓаните можат да препознаат што се искрени заложби, а што само залажувања кои на долг рок се практично неостварливи. Кога партиите нешто ветуваат треба да бидат свесни дали системот и буџетот може да го издржат тоа и дали истото соодветствува со геополитичките текови. Воедно видовме кај граѓаните длабока недоверба и по однос на евроинтегративниот процес. Ние не смее да забораваме колку реформи треба да донесе патот кон полноправно членство во Европската Унија, но и никако не смееме да ги заборавиме бенефитите кои ги добиваме од истата. Јас паметам како се чекаа долги редови за визи пред Амбасадите пред да го уживаме без визниот режим и слободата на патување. Колку капитални проекти се реализираа со европски средства. Колку финансиски бенефит и допрва треба да имаме и колку значи отворање и доближување до европскиот пазар. Колку можности за работа на европски проекти се отворија за младите квалитетни луѓе. Со граѓаните на терен исто така зборувавме и за економската криза која го погоди целиот свет, одржливоста на пензискиот систем и енергетската транзиција. Разговаравме за предизвиците во сите сфери, но онаа што за мене е клучно, е тоа што и ние на граѓаните, но, и граѓаните нам ни понудија решенија врз основа на кои ние ќе го насочиме нашето понатамошно дејствување и борба.

Согласно Иницијативата за отповикување на градоначалници, што ве поттикна на таков чекор?

 

Моника Зајкова: Како беше тоа не може пајтон партија да предлага. Како сакаат нека не наречат, но ЛДП заедно со поддршка од граѓаните е таа која ќе ги прати на пат во еден правец оние кои не  работат одговорно. Ги повикувам граѓаните заедно да собереме потписи и да ја создадеме ваквата законска можност. Оваа иницијатива не се однесува на конкретни личности бидејќи ќе важи за сите кои се наоѓаат на таа позиција без оглед на политичката партија од која доаѓаат, но е поттикната од лошото менаџирање и однос на одредени луѓе кои ја вршат оваа функција. За жал, константно сме сведоци на несовесно работење од страна на одредени градоначалници и нивно однесување народски кажано како локални шерифи. Градоначалниците буквално, можат да го поминат својот мандат без да сносат никаква одговорност за она што не го сработиле. Градоначалникот може да потпишува огромни тендери без никаква консултација, да не дава отчет пред Советот, да не испорача ништо од својата програма, ништо суштински да не работи, а да е лагоден во својот мандат од 4 години бидејќи нема некој што може да го отповика или промени. Не треба ниту една партија да стравува од ваква законска можност која и постоела во Законот за локална самоуправа од 1996 година, а била избришана во 2002. Мораме да созреваме како општество и да прифаќаме одговорност. Тоа што е добро да пофалиме, тоа што не чини да го кажеме и да создадеме можност да биде променето од оние кои го избрале. Ние имаме и добри градоначалници за кои самите граѓани ви зборуваат дека се задоволни од нив и ќе посочам примери кои секојдневно ги слушам како градоначалникот на Крушево, Крива Паланка, Струмица, Валандово, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел, Кавадарци итн. И ова пак ќе кажам не го кажувам јас лично или политички, но е од она што го слушам и го говорат граѓаните, но и за да послужи како мотив на сите кои ја вршат оваа функција.  Сепак мора да се даде поголема можност за вклученост на граѓаните во однос на повикување на одговорност на градоначалниците.

Не може да оставиме општините да пропаѓаат ради несовесно, неодговорно или лошо менаџирање на еден човек. Го споменав Скопје при промоција на иницијативата затоа што живеам во Скопје кое никогаш не било погнасно и похаотично. Скопје кој  е еден од најзагадените градови во Европа, а наместо мерки слушаме дневно политички препукувања и навреди помеѓу Советот и градоначалничката.   Хаос со јавниот превоз, комунален неред, а тука ќе го истакнам и новогодишното украсување, кое не е толку важно, но да бидеме реални е одлика на големите метрополи, бидејќи тие со украсувањето на градовите прават атракција од градот, а со тоа придонесуваат и на раст на економијата преку туризмот. Па дали по се она што го гледаме, треба да молчиме и да гледаме сеир, а да не преземаме никакви чекори? Граѓаните немаат време за долги политички сеанси и обвинувања, политички меѓусебни блокади. Тие сакаат да живеат во град, во општини кои им нудат можности и хумани услови за живеење согласно нивните секојдневни потреби. Оттука и оваа Иницијатива која ќе даде можност не на политичарите, но на граѓаните да го имаат првиот и последниот збор. Тие бираат тие отповикуваат доколку 50% плус еден од граѓаните во градот/општината се изјаснат ЗА. Во иднина ако и градоначалник на ЛДП не си ја врши функцијата на висина на должноста и одговорноста и во рамки на Програмата врз основа на која ја добил довербата од граѓаните, граѓаните ќе може по пат на референдум да го отповикаат.

Да се навратиме на една од вашите главни цели како партија - членството на Северна Македонија во ЕУ. Кои чекори треба да ги преземе државата за процесот да се помести?

Моника Зајкова: Либерално- демократската партија од своето основање до денес константно се залага за приклучување на земјата кон Европската унија и преку предлагање на иницијативи за реформи дома, но и преку лобирање кај нашите меѓународни партнери и во Европскиот парламент преку алијансата во која сме полноправни членки. Ќе повторам, како и многупати досега, за Северна Македонија не постои друг пат, освен членството во Европската унија, а со тоа и добивање на сите бенефити кои ги вклучува. Земјите членки добиваат и до осум пати поголеми финансиски средства по глава на жител од земјите кандидатки за членство. Граѓаните мора да бидат свесни за важноста на овој процес, а партиите, наместо да собираат дневно политички поени, да почнат да наоѓаат решенија со кои ќе ги надминуваат предизвиците кои ни го кочат патот. Не смееме да стоиме со години во исто место. Времето покажува  дека политичките партии не можат да се одлепат од партиската матрица и не сме спремни да постигнеме консензус за големи/системски реформи на општеството. Затоа ни треба отворање на поглавјата кои ќе обврзуваат на креирање и имплементирање на реформи. Верувам дека партиите кои се стремат за брз спој на Македонија со Европската унија ќе победат и час поскоро ќе тргне овој процес на преговори. Но, без оглед на тоа кој ќе ја формира новата влада по изборите, фокусот мора да биде ставен на тоа во кој правец ќе се движи државата во иднина бидејќи имам чувство дека некои партии се изместија од стратешкиот пат, да се надминат сите предизвици кои го кочат евроинтегративниот процес, а напоредно да се решаваат сите внатрешни прашања кои ја засегаат социо-економската состојба на граѓаните. Наместо припукување на дневна основа, политичарите мора да работат на изнаоѓање на компромиси за системско реформирање на општеството. Реформи со кои ќе ја донесеме Европа „дома“ и одлуки со кои ќе обезбедиме полноправно членство во унијата бидејќи тоа го должиме на овие и идните генерации. Постигнат е одреден напредок, немаме назадувања во ниту едно поглавје,  нужно е да ги валоризираме досегашните напори и да ги откочиме процесите односно  да стигнеме до една од клучните точки за нас - преговорите по поглавја, со кои директно ќе се прават суштински реформи внатре во државата, а со тоа ќе се подобри и стандардот на граѓаните. Моментот е сега. Имаме подадена рака, веќе во Унијата се зборува за членство во фази, објавен е Планот за раст на Западен Балкан. Сега на сите нас дома останува да се вложиме максимално, да обезбедиме национален консензус за да ја исполниме нашата долго посакувана цел-полноправно членство во Европската Унија. Никогаш не сме биле поблиску до целта, ќе биде тажно да ја пропуштиме можноста.

Ги споменавте претстојните избори. Донесовте одлука за заеднички настап со европската коалиција. Зошто се одлучивте на тој чекор и кои се вашите планови во однос на преговорите?

Моника Зајкова: Согласно сите проценки, анализи и разговори кои ги водевме во рамки на органите и телата на партијата донесовме одлука за настап на претстојните парламентарни избори во коалиција која ќе понуди европска иднина и брз спој со унијата. Како претседателка на ЛДП  сум овластена да водам преговори за коалицирање со сите партии кои навистина гледаме дека ќе се борат за прогрес на земјата, реформи дома и за брзо членство во Унијата. Како партија ги потцртавме нашите програмски линии и утврдивме тим за програмски преговори. Наша заедничка цел е влез во ЕУ и тоа е појдовна точка за оваа одлука. Но, ќе ги изнесеме сите наши предлози во однос на креирањето на политиките и во сите останати сфери на домашната политика. Отстапка од одредени програмски политики и мерки нема да има, особено во областа на правосудството и  образованието.  Се надеваме дека во иднина конечно ќе се избориме за поставување на една изборна единица или промена на математичката формула за сметање на гласовите.

Прашањето за една изборна единица се провлекува со години, но никако да се усвои. Кој е вашиот коментар?

Моника Зајкова: Жалам што условно кажано поголемите партии успееа да се обединат само по една точка, а тоа е да не дозволат измена на Изборниот модел. Иако сите декларативно даваа поддршка на Измените на изборниот законик кој требаше да обезбедат една изборна единица, отворени листи на локалните избори и застапеност 50%-50% на жените и мажите, сепак во пракса умешно успеваа да ги блокираат истите. Да имавме една изборна единица изборната трка ќе беше многу по фер, а гласот на граѓаните по репрезентативно претставен во Собранието. Вака имаме трка во која едни тргнуваат од старт, а другите од 50 метри.  По секој изборен процес поголемите партии, условно кажано, покажуваат волја за измена на изборниот модел, односно за воведување на една изборна единица и тоа прашање се провлекува, но кога ќе дојде време за нови избори никој од нив не е согласен да се донесе и примени, односно, секогаш нешто друго е приоритет. За да има фер изборна борба клучно е да се воспостави една изборна единица. Сега имаме 4 условно кажано поголеми партии (од македонскиот и албанскиот блок) и тие добиваат поголема финансиска  сума од државата, имаат свој аналитички центри за кои исто така се одвојуваат државни средства, и имаме изборен модел и формула (Донтов метод) кој ги фаворизира. Што значи трката е однапред нееднаква. Доколку не се направи ваква реформа на политичкиот систем за жал уште долго ќе сведочиме на поларизираност и предавање на тронот помеѓу “поголемите’’.  Тоа нас нè турка во правење предизборни коалиции од кои не може да се измери реалната вредност на политичките идеологии. Во предизборна коалиција не можете на крајот да сумирате колку добила која политичка партија, или која политичка идеологија е поатрактивна за граѓаните. Од 40/50.000 гласови на граѓаните одат во ветер и исто толку граѓани остануваат без свој претставник во Собранието. Можеби на некој нема да му се допаѓа што во Собранието ќе има порадикални или по либерални идеологии, но тоа ќе значи претставеност  согласно волјата на граѓаните и поголема контрола на извршната власт.

 Апелирам до сите партии да ја испочитуваат волјата на граѓаните бидејќи повеќе од 50% од истите се изјасниле позитивно за една изборна единица.

Која е вашата порака до граѓаните за 2024 година?

Моника Зајкова: Најпрво сакам да им посакам среќни новогодишни и божиќни празници. Посакувам здравје на сите,  празни болници и чисти детски насмевки. Се надевам дека следната година сите ќе бидеме посреќни и поисполнети на секое поле. Мојата порака до граѓаните е да го чуваат во добра состојба здравјето, никогаш да не ја губат надежта и постојано да се борат за она што го сакаат.

Заедно да обезбедиме прогрес и напредок на државата и да не дозволиме демографски колапс. Нека 2024 година ни донесе огромен просперитет, за конечно да го добиеме она што го заслужуваме. Поминавме премногу тешки моменти и кризи се соочивме со многу предизвици посакувам се тоа да стане во годината која заминува. Од моја страна, сакам да ветам дека и понатаму жестоко и неуморно ќе се борам за напредок на државата и за исполнување на системски реформи согласно потребите на граѓаните.

Нека 2024 година, биде година на успеси! Нека биде година на развој, напредок и среќни луѓе.

30.12.2023 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега