Во Делчево отворена патувачката изложба ,,Ана Франк – Историја за денес”

 

Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ е отворена во Делчево. Ристо Савески од Младинскиот образовен форум и координатор на проектот информира дека изложбата претставува збир од изложбени паноа, кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна.

-Проектот „Ана Франк – Историја за денес“ се реализира веќе пет години. Соработуваме генерално со средни училишта, каде средношколци учествуваа, првиот ден на обука на тема Првата светска војна и холокауст. Во вториот ден во рамки на изложбата тие ја имаат улогата на оратори и ги водат посетителите низ паноата кои се вкупно 31 на број, а го опишуваат животот и делото на Ана Франк. Исто така има дополнителни 7 паноа во контекст на историјата како Македонија се наоѓа во Втората светска војна, периодот во Југославија и како Македонија се осамостојува, рече Савески.

Тој изрази задоволство од институциите со кои Младинскиот образовен форум соработува, надевајки се на понатамошна соработка.

-Досега изложбата беше поставена во повеќе општини низ државата, во Делчево сме првпат. Паноата се изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини, а изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“. Организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам, додаде Савески.

По Делчево, од градовите во Пијанечко-Малешевскиот регион, патувачката изложба во првата половина на февруари продолжува со претставување пред љубителите на уметноста во Македонска Каменица.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 8 февруари 2023 година. 

26.01.2023 - 20:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега