ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи предлог-законот на СДСМ за храната

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана.

Пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во друштво со економските креатори на Владата на СДСМ од тој период, Фатмир Бетиќи и Димитар Ковачевски, предлага вакво решение иако истите тие луѓе претходно четири пати одбија такво законско решение.

„Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВто на над 2000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот. Апсолутно нема врска со вистината дека потрошувачката кошничка се намалила само за 57 денари. Да ги слушаа синдикатите и да имаа посериозна комуникација со нив, ќе знаеја дека тоа не е вистина, бидејќи цената за храната за 30 дена се намали за 965 денари. Манипулацијата со цената на минималната синдикална кошничка ја прави Венко Филипче, искористувајќи го покачувањето на цената на облеката, која што воопшто не е во иста коресподенција за она што нам ни е укажано“, изјави Стојаноски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ со законското решение продолжува со дневно политичко препукување со економски теми од истите луѓе кои што ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба. Ваквите законско решенија, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не придонесуваат за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку за креирање на дневно политички теми, преку законски решенија полни со технички грешки, кои што потоа се поправаат на наредните прес-конференции, проследени со извинување.

ВМРО-ДПМНЕ порача до Венко Филипче со неговата пратеничка група, денес да почнат да го разгледаат буџетот кој што треба да влезе во собраниска процедура и да ја закажат собраниската расправа, да не бегаат од собраниска расправа. Да ги видат ставките за покачувањето на пензиите, за покачувањето на платите, за капитални инвестиции. Да дадат амандмани кои што ќе бидат сериозни и кои што ќе може да се поддржат. На тој начин најдобро може да придонесат за подигнување на стандардот на граѓаните.

 

 
04.11.2024 - 13:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега