(ВИДЕО) Ирански ракетен напад: Погодена болница во Израел
Болницата Сорока во Бершева на југот на Израел утринава соопшти дека зградата била погодена со проектил при ирански ракетен напад на израелска територија.
„Во нападот беше погодена болницата и беше предизвикана значителна штета во неколку области“, се вели во соопштението на болницата.
Неколку минути претходно израелското Министерство за надворешни работи извести за „директен удар“ на важен објект каде се згрижуваат бројни израелски војници ранети во Појасот Газа. Во болницата биле сместени и цивили.
Според последните информации, најмалку 30–40 лица се повредени при иранскиот ракетен напад во Израел – вклучувајќи го и ударот врз болницата „Сорока“ во Бершева, како и повеќе локации во централниот дел на земјата.
Иранските медиуми објавија дека Иран утринава истрелал проектили кон Израел.
„Технолошки напредни проектили летаат над Тел Авив“, објави новинската агенција Фарс, додека иранската државна телевизија директно емитуваше снимки од Тел Авив.
Иран утрово најави дека ќе го натера Израел да зажали и плати за сите свои напади, во седмиот ден од интензивната и невидена војна меѓу двете земји.
„Иран ќе продолжи да го користи своето право на самоодбрана со гордост и храброст и ќе го натераме агресорот да зажали и да плати за својата тешка грешка“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на „Икс“, обвинувајќи го Израел дека сака да го прошири конфликтот во регионот и пошироко.
Израелската војска претходно објави дека изведува серија напади во Иран, вклучително и Техеран, на седмиот ден од нејзината офанзива против Исламската Република.
Massive damage to Soroka Medical Center in Beersheba, following the impact of a ballistic missile fired by Iran. pic.twitter.com/8rXhGeuk0z
— OSINTdefender (@sentdefender) June 19, 2025
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа