Ужасна ноќ за семејството на Вања Ѓорчевска
Вчера во 7 часот и 20 минути утрото, 14 – годишната Вања Ѓорчевска, ученичка во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, излегла од дома и се упатила на настава. Но, на пат кон училиштето ѝ се губи секоја трага.
„Вања не беше жртва на булинг. Немавме нарушени семејни односи и нашата фамилија нема непријатели. Цела ноќ бевме во полициска станица Беко и сите полициски единици се максимално ангажирани и затоа ми е криво што ја критикуваат полицијата. Верувајте дека се прават но ќерка ми ја нема. Дознав дека ја нема кога класната ми кажа дека не пристигнала во училиште утрото, бидејќи тоа не е вообичаено да не дојде зашто, кога некое дете е болно пишуваме во групата“.
„Вообичаено на училиште одат со сестричката, но таа го губеше првиот час и остана дома а Вања замина на училиште сама. Сите опции се разгледуваат од страна на полицијата, нема насока во која не се размислува и во која не се истражува. Се претресуваше собата, сите пораки се прегледаа, компјутерот им го дадов, ништо не најдовме. Роднини се вклучија, родителите на соучениците, камерите се разгледаа, но тие немаат поширок спектар и гледаат само блиску до бизнисите. Никаде ја нема, на ниедна снимка. Сите родители се сложни, дури и велат ајде да ги однесеме блиските другарчиња во станица, тие што ја познаваа. Нема шанси за булинг, средината на ќерка ми е многу сложна. Помалата сестричка сега ми кажува, „мамо, лепат слики од Вања во Центар на бандери“, низ солзи и видно вознемирена и во комплетен шок и неверување изјави за „Слободен печат“ мајката на 14 годишната Вања Ѓорчевска, Зорица.
Носела црни панталони со странични џебови, светло син џемпер, црна кратка зимска јакна и бели „Најк“ патики со кафена лента на ѓонот. Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон „Песталоци“. Доколку имате било каква информација јавете се во најблиската полициска станица.
Полицијата апелира да не се шират дезинформации. За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво. Истрагата интензивно се одвиваше и во текот на ноќта но без епилог.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа