„Ангел си ти“ – Крушево со љубов и музика го слави роденденот на Тоше Проески
На Гумење во Крушево денеска ќе се одржи програма насловена „Ангел си ти,“ посветена на 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка икона Тоше Проески, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, кај Нова Градишка, Хрватска.
Фанови од Македонија и странство пристигнуваат во Крушево за да го посетат вечното почивалиште на Гумење и Спомен домот „Тодор Проески,“ каде се изложени неговите лични предмети кои ја будат трајната љубов и почит кон Тоше. Верните обожаватели често велат: „Тоше има само ден на раѓање.“
Програмата започнува со традиционална крводарителска акција, која ќе се одржи од 9 до 16 часот во Спомен домот. Во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, ќе бидат положени цвеќиња од делегации и фанови на неговото вечно почивалиште.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ќе биде дел од одбележувањето, положувајќи цвеќе и посетувајќи го Спомен домот.
Напладне, во чест на Тоше, младите пејачи Нела Манческа и Дорис Димовска, заедно со бендот „Лок даун,“ ќе ги изведат неговите најпознати песни. Настапи ќе имаат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Бугарија, предводени од Аделина Колева.
Фановите и посетителите ќе имаат можност уште еднаш да се потсетат на огромниот придонес и вечното наследство што Тоше го остави зад себе.
Крводарителска акција во чест на Тоше во Скопје
Во холот на Домот на АРМ во Скопје денеска ќе се одржи крводарителска акција во спомен на хуманоста на Тоше Проески.
„Во рамките на традиционалните крводарителски акции на ЦК на град Скопје е и акцијата која се организира во спомен на хуманоста на нашата ѕвезда Тоше Проески, кој за жал прерано го загубивме. Оваа крводарителска акција стана веќе препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ помладата популација која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост“, се вели во соопштението на Црвениот крст на Град Скопје.
Како што посочуваат, на овие акции собрани се над 5.500 единици крв, што зборува за позитивниот пример на Тоше, запаметен како голем хуманист и крводарител.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа