Трамп ја заострува борбата со Кина: Повеќе од 50 кинески компании се најдоа на списокот за забрана на извоз

 


Обединетите Американски Држави додадоа повеќе од 50 кинески технолошки компании на својот список за забрана на извоз во првата ваква одлука на администрацијата на Доналд Трамп, со цел да го намалат капацитетот на Пекинг во развојот на вештачка интелигенција и напредни компјутерски технологии.

Бирото за индустрија и безбедност на американското Министерство за трговија стави на список вкупно 80 организации, меѓу кои 50 од Кина, и забрани на американските компании да им доставуваат производи без владини дозволи, пренесува CNBC.

Компаниите биле казнети поради наводно дејствување против американската национална безбедност и интересите на надворешната политика, што е дел од напорите на Вашингтон да го ограничи пристапот на Пекинг до компјутерска технологија која може да обработува огромни количини податоци со многу висока брзина.

Десетици кинески стопански субјекти биле на мета поради нивната наводна вмешаност во развојот на напредна вештачка интелигенција, суперкомпјутери и чипови со високи перформанси за воени цели, соопштило е Министерството за трговија.

На црната листа се 27 кинески компании кои купуваат производи потекло од САД, кои се користат за модернизација на кинеската војска, како и седум компании кои поддржуваат развој на кинеската квантна технологија.

Меѓу организациите на списокот на казнети ентитети се и шест подружници на кинеската компјутерска компанија Inspur, која администрацијата на Џо Бајден ја стави на црна листа во 2023 година.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека “силно го осудува ограничувањето на извозот и повикува САД да престанат со генерализирањето на националната безбедност”, пренесе Ројтерс.

27.03.2025 - 11:15

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега