Мицкоски: Паузирањето на разрешувањето на Коцевски не е трајно, за градоначалник на Кочани е рано да се зборува, за лидерска средба треба сериозен пристап
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е рано да се разговара за заеднички кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Кочани, па посочи дека тие се подготвени за Анкетна комисија во Собранието за трагедијата во дискотеката „Пулс“, но да се разгледаат и други високопрофилни случаи за кои имаше низа реакции од јавноста. За паузирањето на разрешувањето на државниот обвинител Љупчо Коцевски рече дека не е трајна одлука.
„Не би влегувал во таков тип на политиканство, се уште раните од ужасната трагедија не се залечени, а ние да размислуваме за избори во Кочани и кандидати за градоначалници. Прерано е за тоа да се дискутира и комбинира. Таков тип на пораки ќе биде дополнителна болка за луѓето кои ги загубија своите најблиски. Се уште 40 дена не се поминуати од овој настан, а некој размислува за избори, градоначалници“, рече Мицкоски.
За лидерската средба рече: „Лидерската средба е пресериозна тема за да преку медиуми се разговара. Разбрав од јавнсота дека има план, може да го соопшти преку прес, но доколку смета дека и мене треба да ме запознае, јас сум секогаш тука на располагање. Сериозните теми бараат сериозен пристап“.
Предлозите да се формира Анкетна комисија
„Ги слушнав овие предлози и ова барање. И едната и другата опозициска партија, не биле задоволни од начинот како Обвинителството ја води истрагата. Тука би констатирал – прво обвинителот е истиот кој овие две политички партии го гласаа. Утрото во Кочани пред 8 часот, во просториите на МВР во Кочани пристигна со двајцата свои соработници, Ислам Абази и Гаврил Бубевски. Јасно ви е од кај доаѓаат, од кои тефтерчиња беа избрани. Тоа што не продолживме во процесот на процесот за промена на обвинителите, не значи дека сме заборавиле од каде доаѓаат и потекнуваат. Се повлековме за да оставиме простор да се даде јасен одговор и одговорност за секој кој има и најмало учество во оваа голема трагедија. Не е ова трајно. Будно ја следиме работата. Истите овие беа миленици на СДСМ и ДУИ кои сега велат дека не се заодовлни од истрагата која ја прават. Јас би ги прашал: Дали беа задоволни од истрагата за Ласкарци, Беса Транс, трговскиот центар Соравија, Модуларната болница? Јас апсолутно не бегам од никаква Анкетна комисија, ниту пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да бега, но би сакал да ја прошириме со овие судски случаи“, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа