Трамп: Бајден помилува луѓе виновни за многу тешки злосторства

 

Американскиот претседател Доналд Трамп во својот говор го критикуваше потегот на сега веќе поранешниот претседател Џо Бајден непосредно пред да ја напушти Белата куќа за превентивно да помилува неколку политички фигури и членови на неговото семејство.

„Тој помилуваше луѓе кои беа многу, многу виновни за многу тешки злосторства“, рече републиканецот во својот втор говор по неговата инаугурација, осврнувајќи се конкретно на членовите на истражниот комитет на Конгресот кои ја осудија неговата улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021. Трамп додаде дека помилувањата на Бајден се срамни.

Непосредно пред да му ја предаде власта на Трамп, Бајден, во обид да спречи можна лична одмазда, превентивно помилува избрани функционери и државни службеници, како и пет членови на неговото семејство, настојувајќи да ги заштити од можна одмазда на Трамп.

Откако неговиот републикански наследник вети дека ќе им се „одмазди“ на своите политички противници, 82-годишниот демократ во заминување одлучи да ги заштити луѓето на црната листа на Трамп од „неоправдани и политички мотивирани правни дејствија“.

Меѓу нив се поранешниот претседател на Здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили, поранешниот архитект на стратегијата за Ковид-19 на администрацијата на Бајден, Ентони Фаучи, и луѓе кои учествуваа во комисијата задолжена за истрага на нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, како и полициски службеници кои дадоа исказ пред истата комисија.

Бајден помилува и пет членови од неговото семејство, велејќи дека сака да ги спречи да бидат цел на „неосновани и политички мотивирани истраги“.

Меѓу помилуваните се и неговите двајца браќа Џејмс и Френсис. На листата се и Сара, сопругата на Џејмс Бајден, сестрата на Бајден, Валери и нејзиниот сопруг Џон.

 
20.01.2025 - 21:15

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега