Тошковски за бегството на Груби: Сме го ставиле на граница за да гледа во компјутерот а не да продава цвеќиња

 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во „Отворено“ на ТВ24, изјави дека во моментов се собираат повеќе докази за тоа дали полицискиот службеник кој бил на смена кога Артан Груби ја напуштил државата, направил грешка од невнимание или пак бегството било орагнизирано во рамки на одредена група.

„За ова е отворена истрага и постапува ОЈО и во рамки на она кое ние го имаме како неспорен доказ, поднесовме кривична пријава за лицето и истото е суспендирано од работа. Во моментов се води и истрага за тоа дали имало некаква комуникација и за каква комуникација станува збор“, рече Тошковски.

Тој потенцира и дека со цел да се спречи токму ваквото сценарио биле направени посериозни подготовки и се ангажирале сите ресурси. Според него на границата имало и други дополнителни служби кои требало да реагираат доколку постои бегство но истите не реагирале бидејќи станувало збор за тајна операција.

„Факт е дека на границата имаше други дополнително пратени служби да реагираат во рамки на евентуалното бегство на предметното лице, но исто така факт е дека не знаеја кого треба да стопираат затоа што тоа е дел од полициската оперативна работа. Никој не можел да претпостави дека еден полициски службеник кој е на позиција, да го земе пасошот од одредено лице и да го стави на скенер и по појавување на компјутерот дека пред него е одреденото лице на стоп листа, да го задржи, а не го сторил тоа. Затоа е поставен на граница, да гледа во компјутерот, а не да продава цвеќиња. Требал да провери дали лицето исполнува услови да ја напушти или не“, изјави Тошковски.

Тој додаде и дека поради тоа што Артан Груби не изразува иницијатива да се врати во државата е доволен показател за тоа дали е виновен или не.

22.01.2025 - 10:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега