Тошковски очекува интегритет и професионалност од идниот обвинител
Се надевам дека новиот државен обвинител ќе покаже интегритет, професионалност и резултат. Работата е тешка, но не е топла вода што треба да се измисли. Само треба да се засукаат ракавите, да се почитуваат основните принципи во рамки на правото, да се има волја и желба да се дадат резултати и да се работи во интерес на граѓаните. Толку. Не е ова не знам каква филозофија. Посветеност, работење и резултати ќе има, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во гостувањето на „Само интервју“, Тошковски напомена дека Владата му дала доволно време на актуелниот обвинител Љупчо Коцевски, но резултатите во изминатите осум месеци не се такви какви што требале да бидат.
Според министерот, Македонија, иако е мала земја, има многу писмени правници и квалитетни обвинители. Процедурата за избор на државниот обвинител е јасно дефинирана. Потребно е да има позитивно мислење од Советот на јавни обвинители па дури тогаш Владата може да го предложи до Собранието да биде изгласан.
-Имаме квалитетен човечки потенцијал кој ќе даде резултати. Таму треба добар менаџер што си ја сака Македонија, што разбира право, што бил во судница и што поминал таму дел од животното искуство, што се борел со аргументи во рамки на нормална дебата и што ќе работи во интерес на граѓаните. Во минатото требаше да видиме процесуирање на предметите, а не нивно забошотување, требаше да видиме резултати кои ќе ја подобреа перцепцијата на јавноста. Владата даде многу разумен временски период за навистина да видиме резултати, не тргна како сите претходни влади уште првиот месец да го менува обвинителот, даде шанса, но таа шанса, за жал, не е искористена во интерес на граѓаните и нормално е Владата да тргне со чекори кои ќе треба да ги подобрат состојбите. Тоа е нормално и очекувано. Доволна беше шансата што ја даде Владата, истакна министерот.
Негова оценка е дека, сепак, само времето може да покаже какви ќе бидат резултатите што ќе ги даде новиот обвинител.
-Изминатите осум месеци покажаа дека резлтатите не се такви какви што треба да бидат. Секој има право да смета дека работи на еден или друг начин ама и граѓаните заслужуваат да видат резултати. немањето доволно ресурси, финансиски средатва или истражители не е оправување. Се надевам дека идниот обвинител што ќе биде избран од Собранието ќе им даде надеж на македонските граѓани дека навистина правосудството се движи во правилна насока, рече Тошковски.
Во однос на тоа дали се размислува за промена на механизмот за избор на јавен обвинител, тој објасни дека не гледа зошто не би се отворила јавна дебата за секое прашање од јавен интерес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа