Судот не го прифати барањето за притвор за четворицата тепачи за упадот во М-НАВ

Кривичниот суд не го прифати барањето за притвор за четворицата уапсени кои упаднаа и нападнаа контролор во контролната кула во М-НАВ.

Меѓутоа, судот им издаде мерки на претпазливост, па осомничените добија забрана за напушање на живеалиштето, ќе мора да се јавуваат во судот на определено време, а одземени им се и пасошите.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Јавниот обвинител за определување мерка притвор против 4 лица кои вечерва беа спроведни во судот, а осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од КЗ, по произнесување на обвинителот и осомничените во однос на предлогот, донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат мерки за претпазливост. Односно, согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува:  Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, Одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и Забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд, се вели во дописот од Кривичниот суд.

Инаку извршниот директор на Акционерското друштво во државна сопственост, Фахрудин Хамиди нападот денеска го карактеризираше како „кошкање“ и „конфликт меѓу вработени“, иако неговиот советник Беким Незири, заедно со седум надворешни лица без никаква пречка ги поминаа трите безбедносни бариери на објектот од стратешка важност и нападнаа контролор за време на извршување на работните задачи.

На иста линија се и од матичната партија на Незири, ДУИ, каде тој е претседател на огранокот во Чаир.

-Истражните органи мора одлучно да го расветлат случајот. Инцидентот кој се обидува неправедно да ѝ се препише на ДУИ е резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичко прашање, а уште помалку со ДУИ. Станува збор за несогласување меѓу колегите и во никој случај не треба неправедно да се меша партиска политика, велат од ДУИ.

06.01.2024 - 00:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега