Спасовски: Храната за полициските службеници со новата јавна набавка е поквалитетна, а за 30% поевтина
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието во врска со јавната набавка за обезбедување на храна за полицијата, истакна дека МВР веќе дала одговор до јавноста дека за оваа јавна набавка нема апсолутно ништо спорно од процедурален и законски аспект.
„Направена е врз основа на анализа и економска оправданост, која е основа за да се распише било каква јавна набавка во делот на вакви услуги за набавка на храна, односно избор на оператор кој практично ќе нѐ снабдува со храна”, рече Спасовски.
Тој додаде дека во неговиот мандат, обновени се кујните по најсовремени стандарди итн.
„ Втората работа, не само што се реконструирани, туку имаме изградено нови објекти. Последниот нов објект изграден во МВР беше во 2005, а ние за 6 години изградивме дополнителни два објекта од стратешко значење за МВР: еден во Прилеп – ИКТ Центарот и новиот Форензички центар. Остануваат уште два објекта, односно две кујни кои ќе се реконструираат, заради тоа што се работи за угостителски објекти на МВР“, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски категорично ја негираше констатацијата дека за првпат во историјата на независна Македонија се дава објект за исхрана на приватна компанија која треба да снабдува некоја единица.
„ Не е точно, зашто објектот кој беше земен под закуп, надвор од касарната Илинден, за да таму биде служена храна на САЕ Тигар, цело време функционираше со оператор кој е од надвор. За цело време на 12-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше склучен договор со кафеана од Скопје. Не со фирма, туку со кафеана! Без никакви стандарди, без никаква гаранција и без никакво осигурување што се однесува на користењето на храна, доколку се случи во одредени ситуации да имаме труење со храна”, ги демантираше изнесените дезинформации министерот Спасовски, додавајќи дека сега, по над 40 години од основањето на Единицата, разликата е јасна.
„Сега, за разлика од тогаш, имаме објект, кој го преземавме од Министерство за одбрана и во САЕ Тигар направивме нов објект. Знаете каков беше тогаш Војничкиот клуб и по какви стандарди е направен сега – во делот на исхраната. Ако сакате може да разговарате со полициските службеници каква исхрана имале претходно, а каква имаат сега, дали се задоволни или не се?! Истото тоа може да го направите и со економскиот оператор кој ќе почне да работи и во Центарот за обука и во Полицискиот центар ‘Ѓорче Петров’”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека е добро оваа тема да се споделува во јавност за да се покаже колку ВМРО-ДПМНЕ работи против македонската полиција и МВР.
Во однос на оправданоста, министерот Спасовски потенцираше дека економската анализа покажува оправданост заради тоа што ова е рамковна спогодба, што не значи дека проценетата вредност треба да се искористи до крај, туку ќе се искористи согласно потребите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа