Советничката Витина: Дердишта и градоначалникот на Бутел плански ја блокираа „Комунална“ за да глумат спасители
Независната советничка во Град Скопје, Ирена Витина, упати обвинувања до поединци од ВМРО-ДПМНЕ поради блокадата и бунтот во ЈП „Комунална хигиена“ и хаосот што настана со ѓубрето во Скопје.
На вонредната седница во Советот на Град Скопје посветена на состојбите во „Комунална“, Витина рече дека граѓаните треба да ја знаат вистината оти се прават сценарија, се организираат групи да блокираат за некој да се претставува како спасител.
„На 23 мај, директорката Косана Мазнева подели откази на вработени кои не доаѓале на работа, а тоа е право на секој директор. На 25 мај се случува средба на една група во којашто главните дејанија ги имаат Дердишта – претседател на сидникална организација и еден градоначалник на општина Бутел кој е сопартиец и братучед на еден спасител на Градот Скопје, градоначалник во една друга општина, добар инфлуенсер од Кисела Вода“, рече Витина посочувајќи дека на таа средба бил договорен планот да се блокира претпријатието.
Витина застана во одбрана на Мазнева, велејќи дека директорката макотрпно работи и се бори со опструкции, остварувајќи го своето легитимно право како прв човек на институцијата да води сметка кој доаѓа, а кој не доаѓа на работа. Советничката тврди дека на протестите пред Јавното претпријатие викендов имало и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои не се вработени таму.
„Тоа беше киднапирано претпријатие само за да не може да функционира. За некој да биде прогласен за неспособен и неодговорен. На кого е опозиција ВМРО-ДПМНЕ на Данела Арсовска или на Владата? Ова е класичен дефокус, класично замајување и држење во кондииција на членството“, рече таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа