Собранието го изгласа Законот за финансиска инспекција во јавниот сектор

 

Пратениците во рамки на денешната 99.седница на Собранието со 54 гласа „за“ го усвоија Законот за финансиска инспекција во јавниот сектор и со 55 гласа „за“ Законот за изменување и дополнување на Законот за гранична контрола.

Целта на Законот за финансиска инспекција во јавниот сектор е заштита на финансиските интереси на субјектите од јавниот сектор од сериозно лошо финансиско управување, измами и корупција. Финансиска инспекција, според Законот, се врши кај корисниците на средствата од Буџетот на Република Македонија, фондовите, општините и градот Скопје, агенциите и другите институции основани со закон, јавните претпријатија, јавните установи и другите правни лица кои се во државна сопственост или сопственост на општините и градот Скопје или во кои државата или општините и градот Скопје се акционери, како и кај непрофитните организации и другите правни и физички лица само за делот на добиените јавни средства или гаранции. Работите на финансиската инспекција ги врши Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор како посебна внатрешна организациска единица во рамки на Министерството за финансии. Со работата на Секторот раководи главен финансиски инспектор кој директно одговара на министерот за финансии.

На денешната седница Собранието одлучи да се носат по скратена постапка Предлог законот за изменување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица и Предлог на Законот за младински додаток.

Заменик министер за финансии Филип Николоски истакна дека со Предлог на закон за изменување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица се предлага дел од данокот на додадена вредност кои ќе им се враќа на физичките лица во еден квартал, односно едно тримесечје да изнесува најмногу 2100 денари, што, како што рече, при негова практична примена ќе придонесе за повисоко враќање на парични средства директно на сметките на граѓаните.

Пратеничка на СДСМ, Санела Шкријељ во образложението истакна дека ова законско решение значи месечен додаток на платата во износ од три илјади денари кои што се исплатуваат од буџетот на Агенцијата за вработување на трансакциска смета на секое младо  лице до 23-годинишна возраст кое е вработено или самовработено во производствени дејности и младите лица кои што се опфатени со задолжително социјално осигурување како индивидуални земјоделци. Шкријељ потсети дека ова законско решение првпат било донесено во 2020 година и досега правото на младински додаток го искористеле во просек три илјади млади лица годишно или вкупно девет илјади млади лица. Според пратеничката, самиот додаток значи поттикнување на младите лица по следното образование да се вклучат на пазарот на труд  во производствена дејност.

Бидејќи Собранието одлучи овие два предлог-закони да се донесат по скратена постапка, спикерот Талат Џафери ги повика Комисијата за економски прашања, Законодавно-правната комисија и Комисијата за труд и социјална политика да расправаат по предлог законите. Џафери ги задолжи работните тела да го информираат спикерот за датумот на одржување на седниците, а собраниската седница по овие предлог-закони ќе продолжи со работа по добиениот извештај од работните тела.

Поради неприсуство на владини претставници како предлагачи од дневниот ред беа повлечени неколку предлог-закони –  Предлог на закон за дополнување на Законот за технолошко индустриски развојни зони, Предлог на законот за изменување на Законот за вработување на инвалидни лица и Предлог на законот за изменување на законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, сите по скратена постапка.

Претходно, во рамки на оваа седница беше верификуван мандатот на нова пратеничка Даниела Стојановска Пановска, која доаѓа на местото на досегашниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ, кој е именуван за амбасадор во Црна Гора.

Џафери информира дека поради неприсуство на членовите на Владата како претставници на законски решенија ја прекина седница и ќе продолжи утре во 12:30 часот.

24.01.2023 - 17:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега